По над 72 часа интензивна потрага, попладнево, во провалија длабока 20 метри, беше пронајдено телото на 35-годишната Британка, Натали Кристофер, која исчезна во понеделникот наутро на грчкиот остров Икариа, jави дописничката на МИА од Атина
Грчката полиција потврди дека пронајденото тело е на исчезнатата астрофизичарка, која заедно со нејзиниот партнер од Кипар престојуваа на Икариа.
„Пред малку, копнените сили вклучени во истрагата, во провалија длабока околу 20 метри, во непроодена планинска точка во областа Караме, Агиос Кирикас на Икариа, го пронајдоа телото на 35-годишната државјанка на Велика Британија“, соопштија од грчката полиција.
Според првичните информации во Грција, жената била поклопена од карпа што паднала врз неа, а телото било пронајдено, по сигналот од нејзиниот мобилен телефон.
Партнерот на 35-годишната Кристофер во понеделникот напладне пријавил во полиција дека Британката е исчезната, откако не одговарала на неговите повици. Претходно, телефонски разговарале, кога му рекла дека излегла да трча и да планинари.
Потрагата по исчезнатата се водеше на копно, во вода и со хеликоптер и со специјална опрема за лоцирање на мобилниот телефон според сигналот, а на грчката полиција ѝ помагаа крајбрежната и противпожарната служба како и волонтери.
Веројатно е, според првичните информации, дека станува збор за несреќен случај, откако Британката сакала да се качи на карпата.
Затоа, овој случај во ниту еден момент, во Грција, не се поврза со смртта на 60-годишната Сузан Итон, Американка- биолог, која минатиот месец беше убиена на грчкиот остров Крит.
Итон, на Крит беше на научен симпозиум, а една седмица се водеше за исчезната откако и се загуби секаква трага едно попладне кога излегла да трча.
За убиството, уапсен е 27-годишен Грк, кој призна дека најпрво со возилото ја прегазил 60-годишната, потоа ја ставил во багажникот на автомобилот, потоа ја силувал и ја убил.