Исмет Рамиќевиќ со перформансот „Змија“ ќе протестира против војните во светот

457

На летната сцена од Домот на културата во Струга, утре со почеток во 20.30 часот, истакнатиот македонски уметник Исмет Рамиќевиќ ќе изведе перформанс насловен „Змија“.

– Проектот со перфмормансни содржини произлегува од милитантниот мултимедијален проект „Молк“ кој беше изведен во Музејот на град Скопје. До сега се изведени перформансите – „Ритам“, „Ѓуле“ и „Шмирглање“, утревечер во Струга ќе го изведам перформансот „Змија“, а ќе преостанат перформансите „Сечење“ и „Бушење“. Сите овие наслови упатуваат на деструкција, на уништување на самиот милитантен објект – вели Исмет Рамиќевиќ.

Целиот концепт на Рамиќевиќ е поврзан со протест-артот кадешто процесот е подложен на создавање и на уништување.

– Идејата од почетокот е подложна на уништување. Значи, создавам за да уништам. Протестирам против воените дејствија во светот, а особено против војната ситуација во Сирија – додава Рамиќевиќ.

Насловот на перформансот „Змија“ има своја симболика. Змијата како симбол е присутна во разни цивилизациии, а самиот симбол секаде различно се толкува. Исмет Рамиќевиќ пак, се држи до современиот симбол кој е застапен во медицината – лековитоста, мислејќи на лековитоста насочена кон општествената состојба на човечката цивилизација.

Исмет Рамиќевиќ е еден од учесниците на ликовната колонија „Културен мост“ која деновиве се случува во Струга. На колонијата работи мешана група на ликовни уметници од Грција и од Македонија.

– Долго време не сум учествувал на ликовна колонија. Ме радува што се запознав со колегите од Грција. Посебно ме израдува колегата Марк Хаѕипатерас кој, истотака, во своите дела има милитантни елементи, па со него споделувам убави уметнички искуства. И другите колеги од Грција се доста интересни како автори – завршува Рамиќевиќ.

Ликовната колонија „Културен мост“ е реализирана од Здружението на граѓани Концепт, со поддршка на Министерството за култура на Р.Македонија.

Проектот се реализира во соработка со Националната галерија на Македонија во Скопје и Домот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга. Медиумски покровител е порталот Плусинфо, додека со спонзорство учествува винаријата „Тиквеш“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...