Македонската јавност секогаш со возбуда ги следи културните содржини кои доаѓаат од НР Кина, се надевам дека и во иднина ќе се реализираат уште многу вакви настани кои ќе придонесат за подобро запознавање и зближување со културата на оваа за нас пријателска земја, рече министерот за култура Хусни Исмаили на отворањето на изложбата на фотографии „Кина во моите очи“, во НУБ „Св. Климент Охридски“, а по повод 70 години од создавањето на Народна Република Кина.
Исмаили додаде дека изложбата, на која низ фотографии се доловени природните убавини и урбаните знаменитости на Народна Република Кина, е само уште една потврда за длабоките врски меѓу двете земји на кои посветено се работи и преку Координативниот центар за соработка меѓу Кина и земјите од ЦИЕ и од особено значење е токму развојот на културната соработка меѓу земјите од оваа иницијатива.
Изложбата на фотографии „Кина во моите очи“, која е во организација на амбасадата на НР Кина во Република Северна Македонија и Град Скопје, ќе биде отворена до 7 јули.