Исмаили: Да се организира две децении Меѓународен саем на книгата во Улцињ значи да се изгради летен културен идентитет на градот

209

Министерот за култура Хусни Исмаили вчера присуствуваше на свеченото отворање на 19-тото издание на Меѓународниот саем на книгата во Улцињ, Црна Гора.

На церемонијата на отворање освен домаќинот, претседателот на општината Улцињ, Љоро Нрекиќ, присуствуваа и министерот за култура на Црна Гора, Александар Богдановиќ и министерот за туризам и животна средина на Албанија, Бледи Коси.

Во своето обраќање пред присутните гости, соопшти Министерството за култура, министерот Исмаили истакна дека овој саем е одлична можност издавачите, авторите и сите учесници на едно место да им ја претстават својата издавачка и творечка дејност на граѓаните на Улцињ, но и на бројните туристи кои го посетуваат овој град во летниот период.

– За да се организира безмалку две децении Меѓународниот саем на книгата во Улцињ, значи да се изгради летен културен идентитет на градот кој претставува инспирација за уметниците. Ова е Балканот без граници или европскиот Балкан, за кој сонуваме. Доколку географијата и историјата нѐ делат, културата е таа што ги надминува границите, затоа што јазикот на културата е надвор од географските, политичките, етничките и верските разлики – рече во своето обраќање Исмаили.

Тој додаде дека образованието и книгата се инвестиција за иднината, а за да се создаде една книга значи да се пренесе пораката на авторот, еден фрагмент од неговата душа и енергија која никогаш не згаснува.

Специјални гости на Меѓународниот саем на книгата во Улцињ, каде годинава учествуваат 50 издавачи од сите земји во регионот се писателите Балша Брковиќ и Фатос Конголи.

Саемот на книгата во Улцињ, што се реализира со поддршка на Министерството за култура на Црна Гора, Центарот за култура од Улцињ во соработка со Општината и Туристичката организација од овој град, како и со Институтот за книга од Тирана, ќе трае до 31 јули.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...