Исклучените од парно и оваа зима ќе плаќаат паушал

За денеска беше најавена па одложена средба на Здружението на исклучените од парно „Но пасаран“, Град Скопје и РКЕ на која требаше да се разговара за постапките околу донесувањето на нови Правила на снабдување со топлинска енергија.

521

Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) до крајот на годинава, како што беше ветено, мора да ги донесе Правилата за снабдување со топлинска енергија или ќе се соочи со блокада, тврдат од Задружението за заштита на граѓанските права „Но пасаран“.

Тие се револтирани, оти регулаторите одолговлекуваат со донесувањето на подзаконските акти со кои се регулира прашањето на топлинската енергија во кои спаѓа и Правилникот за снабдување со овој вид енергија.

– Регулаторна се повикува на рок од девет месеци во кои треба да ги донесe Правилата. Со намерното кочење на донесувањето на овој Правилник се работи во прилог на БЕГ, а на штета на граѓаните на кои Владата им вети дека до октомври или најдоцна до крајот на годината ќе биде донесено решението со кое тие што не користат парно да не плаќаат – вели Маријан Ненов од Здружението „Но пасаран“.

Директорот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски, пак, тврди дека од почетокот на ноември ќе почне да работи работна група која ќе работи на Правилата за снабдување со топлинска енергија.

– Во работната група ќе бидат вклучени претставници на здружението „Но Пасаран“, на организации на потрошувачи од дистрибутерите на топлинска енергија и експерти. Работната група ќе работи на подготовка на Правилникот. Дополнително ќе се прави анализа и проценка како ќе влијае на цената на парното предлогот исклучените да не плаќаат парно. Од тоа ќе зависат и решенијата што ќе се предложат – вели Бислимоски.

Според него, посетите што ги направиле од Регулаторната комисија за енергетика во одделни случаи, покажале дека дел од граѓаните се во право кога бараат да не плаќаат парно, бидејќи воопшто не добивале топлинска енергија.

– Но треба да се види како во објектите каде што има исклучени од парно ќе се одрази ако тие не плаќаат на граѓаните од другите станови – појасниува Бислимоски.

Колку ќе трае процесот на анализа и работата на оваа работна група, првиот човек на РКЕ не можеше да каже, но тврди дека се куси роковите за донесување на подзаконските акти поврзани со Законот за енерегетика.

– Моментално работиме на подзаконските акти за топлинска енергија главно на методологијата за формирање на цените и тарифникот. Сите документи од оваа област треба да бидат завршени до февруари. Напоредно со ова ќе тече и работата на работната група која ќе работи на правилата на снабдување – појаснува Бислимоски.

За денеска беше закажана па одложена средба на средба на претставници на Здружението „Но пасаран“, од Град Скопје и Регулаторната комисија за енергетика на која требаше да се расправа за проблемот на исклучените од парно. Средбата не се одржа бидејќи дел од учесниците не биле навреме информирани. Најавено е дека ќе биде закажана нова средба.

Владата во својата Програма за работа до 2020 година вети дека уште на почеток од мандатот ќе донесе акти со кои ќе овозможи исклучените од парно да не плаќаат за услуга што не ја користат. По донесувањето на Законот за енергетика од владата соопштија дека се бара начин за решавање на овој горлив проблем за граѓаните, согласно законските прописи, и дека во најбрзо време ќе биде предложен начин како ќе се отстрани оваа неправда.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...