Ирачките безбедносни сили утрово почнаа акција за отстранување на знамињата на Курдската регионална управа (КРГ), кои тајно беа поставени на повеќе локации во Киркук.
Мерван ал Ани, од Канцеларијата на гувернерот на Киркук за Анадолија изјави дека гувернерот ѝ наредил на полицијата да ги отстрани сите знамиња на КРГ од улиците и згради.
– Поставувањето знамиња на КРГ или на кој и да е политички ентитет на подрачјето на провинцијата Киркук е илегален чин. Не сакаме да проживуваме нови политички и општествени кризи, изјави Ал Ани.
Во октомври 2017 година ирачките безбедносни сили ја презедоа управата во Киркук, кој беше под контрола на Пешмергите – вооружени сили на автономната Курдска регионална управа на северот на Ирак.
Нерешениот статус на Киркук е уште еден од низата проблеми во Ирак. Спорниот статус на Киркук чека на решение од 2003 година и американската инвазија на Ирак, кога курдските сили од северот на земјата ја презедоа контролата во градот, по што голем број Курди се населија таму. Уставот на Ирак од 2005 година, во Членот 140 предвидува статусот на Киркук да се одреди со референдум, кој ќе биде организиран откако протераните жители од времето на власта на Садам Хусеин ќе се вратат во градот и откако ќе се спроведе попис. Официјален Багдад тврди дека власта во Киркук е под ингеренции на ирачката Влада, додека локалното курдско население и владејаќката Унија на курдски патриоти сака регионот да се припои кон Курдсската регионална управа на северот на земјата. Туркменското и арапското население и нивните политички партии се противат на тој план и бараат на Киркук да му се додели специјален статус во Ирак.