Иран е подготвен за преговори со Западот, но не и со САД

94

Западните земји се премногу слаби за да можат „да ги фрлат на колена Иранците“, изјави иранскиот верски лидер ајатолахот Али Хамнеи, додавајќи оти официјален Техеран е подготвен да преговара со Западот, но не и со САД.

Ајатолахот Хамнеи денеска во Техеран ја водеше петочната молитва првпат од 2012 година и повика на единство.

Тој американскиот претседател Доналд Трамп го нарече „кловн“, кој се преправа дека го поддржува иранскиот народ но „ќе му забие отровен бодеж“ во грб.
Хамнеи додаде дека искажувањето тага на погребот на иранскиот генерал Касим Сулејмани, кој беше убиен во американски воздушен напад, покажа дека Иранците ја поддржуваат Исламска Република.

Хамнеи оцени дека САД „кукавички го убија најефикасниот борец против Исламска држава“. Потоа Иран ракетираше две воени бази во Ирак, каде се распоредени и американски војници.

Ајатолахот соборувањето на украинскиот патнички авион во близина на Техеран, при што загинаа сите 176 патници и членови на екипажот, го нарече „горка несреќа што го растажи Иран исто колку што ги усреќи неговите непријатели“.

Ајатолахот Хамнеи (80) ја извршува должноста од 1989 година и го има последниот збор во сите главни одлуки.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...