Инспекторите ќе добијат зголемување на платите од 10 отсто следната година

Манчевски смета со новиот закон и примената на опоменувањето пред казната најголемо позитивно влијание се очекува за малите претпријатија, кои често мораа да затвораат заради утврдени неправилности при инспекциски надзор, без да им се даде шанса да ги отстранат.

204

Зголемување на платите на инспекторите за 10 отсто на почетокот на секоја година за да се постигне 30 отсто зголемување до 2022 година, вработување на нов кадар за да се зајакнат капацитетите на инспекциските служби со нов кадар, како и нови правила за добивање лиценци и санкционирање  се дел од новините на законот за инспекциски надзор кои ги презентира денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

При зголемувањето на платите на инспекторите, како што рече Манчевски предност ќе им се даде на инспекторите кои работат со ризик.

– Предност ќе имаат инспекциските служби изложени на најголем ризик, како на пример од Пазарната инспекција. Тие работат и навечер во ноќни клубови каде има алкохолизирани лица, често и се напаѓани. Не е исто да си пазарен инспектор и инспектор во образованието – рече Манчевски.

Тој најави нови вработувања во службите , но и нов систем за стекнување лиценца за инспектор.

– Сегашната бројка од 1.000 инспектори е апсолутно недоволна за да се постигне се. Со сегашните правила што не одговараа на реалноста никој не ќе можеше да стане инспектор во наредните неколку години. Сега ја отвораме можноста и секоја инспекциска служба согласно своите можности ќе треба да изврши вработувања – рече тој.

Манчевски појасни дека опоменувањето пред казнувањето во иднина ќе биде основа на работењето на инсекторите.

– Инспекцискиот надзор мора да престане да биде механизам за полнење на буџетот. Инспекцискиот надзор мора прво да има советодавна улога. Субјектите прво ќе добиваат опомена и рок да ја отстранат неправилноста, пред да се изрече казна. Само на таков начин инспекцијата нема да се доживува како репресија – рече Манчевски.

Исклучок од ова, како што рече, ќе бидат случаите кога инспекторот ќе оцени дека утврдените неправилности можат да предизвикаат опасност по животот и здравјето на граѓаните, финансиска штета, загрозување на животната средина или загрозување на јавниот интерес.

Новото законско решение треба да обезбеди и предвидливост на инспекцискиот надзор преку листа за проверка. Секој субјект кој е предмет на инспекциски надзор, пред посетата на инспекторите, ќе добие листа на конкретни документи и информации кои треба да ги обезбеди. Со тоа при средбата со инспекторите, субјектите ќе бидат подготвени и инспекциот надзор ќе трае пократко.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...