Инспекторатот за земјоделие ја презема контролата за генетски модифицираниот ориз

Семето во овој случај не е увезено легално. Затоа, ќе ги продолжиме контролите, вели директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Благој Индов.

93

Државниот инспекторат за земјоделство од денеска треба да ја преземе контролата за генетски модифицираниот ориз во Македонија.

Откако ќе ги добие резултатите што ги спроведе Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), Инспекторатот ќе продолжи со акцијата за да утврди кои се увозниците на генетски модифицираното семе.

– АХВ денеска треба да ни ги достави резултатите за тоа каде е најдено семето и ние да пуштиме инспекциска контрола, за да провериме и да стасаме до увозникот, до носителот на семето. Тоа ќе се утврди во наредните денови – изјави за МИА директорот на Државниот инспекторат за земјоделство Благој Индов.

Тој нагласува дека увоз на генетски модифицирано семе не е забрането, но мора да е со сертификат и декларирано.

– Семето во овој случај не е увезено легално. Затоа, ќе ги продолжиме контролите. Наредниве денови ќе се истражува тоа. Уште не се знае за колку семе станува збор, утврдено е само дека кај повеќе производители има генетски модифициран ориз – дополнува директорот.

Според него, одговорност секако ќе има, согласно законските прописи. Можни се парични казни или одземања на лиценците за увоз.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...