Индустриското производство во јануари е зголемено за 12 отсто во однос на истиот месец лани, објави денеска Државниот завод за статистика.
Пораст има во секторот Снабдување со електрична енергија, гас и пареа за 50,8 отсто и во секторот Преработувачката индустрија за четири проценти. Зголемувањето во преработувачката индустрија се должи на зголеменото производство на пијалаци, тутунски производи, текстил, мебел, фармацевтски производи, метали, електрична опрема, машини и уреди, моторни возила, приколки и полуприколки.
Опаѓање од 2,2 отсто се бележи во секторот Рударство и вадење на камен.
Гледано по главните индустриски групи, пораст има кај Енергија за 44,6 проценти, Капитални производи за 15,7 отсто и Трајни производи за широка потрошувачка за 23,7 проценти, додека опаѓање има кај Интермедијарни производи, освен енергија за 1,1 проценти и Нетрајни производи за широка потрошувачка за 3,1 проценти.