Скопје танцовиот театар вечерва од 20 часот во Младинскиот културен центар ќе ја изведе претставата „Импулс#волумен14“ во кореографија на Рисима Рисимкин, Дејан Битровски и кореографот од Прага Шимон Кубан.
Претставата има неколку дела – во првиот е кореографијата „Апстракт/Бои“ на Рисима Рисимкин, специјално подготвена за танчарите студенти на завршна година на Катедрата за современ танц на Штипскиот универзитет: Сара Цветковска, Јована Зајкова, Бобан Русески и Тереза Лазарев. Вториот дел „Online“ е кореографија на Дејан Битровски и ќе настапи Анастасија Данчевска, танчарка на Скопје танцовиот театар.
Последните две кореографии „Ноември“ и „Flesh & Bone“ се на Шимон Кубан, со настап на танчарите на Скопје танцов театар: Анастасија Данчевска, Дејан Битровски, Тринга Хиса и Џорџа Лили (стажантка од Италија) и студентите од Катедрата за современ танц од Штипскиот универзитет: Сара Цветковска, Јована Зајкова, Тереза Лазарев, Бобан Русески, Исидора Краљевска, Борис Богдановски, Ивана Балабанова и Дамла Пинар Башар од Турција.
Чешкиот кореограф Шимон Кубан во Скопје е еден месец и кореографиите „Ноември“ и „Flesh & Bone“ се резултат на неговиот престој како резидент-кореограф за Скопје танцовиот театар.
На нашата публика ѝ е познат по кореографијата „База“ за танчарите на КОДАРТС, кои настапија во претставата „Таленти во движење“ на „Танц фест 2019“. Кубан има завршено студии за современ танц во Прага, а искуство како тенчар стекнал работејќи со повеќе компании во Чешка.