Младите ИТ инженери ретко се осмелуваат да ја развијат својата идеја во бизнис и најчесто работат како подизведувачи кај други или за други. Тоа треба да се промени бидејќи најголемиот дел од овие млади имаат идеи кои можат да прераснат во добри бизниси, велат од Здружението на студенти по електротехника ЕЕСТЕК.
– На техничкиот кампус годишно завршуваат по 300 студенти, а според податоците на МАСИТ, во текот на годината се регистрираат над 400 ИТ компании. Тоа значи дека перманентно имаме недостиг на кадар, а и оној што е на располагање, во големот дел од случаите, за жал, работи аутсорсинг или подизведувач за други фрими – рече претседателот на Здружението Илија Лалковски.
Тој смета дека ваквата практика треба да се промени, зашто на младите инженери им се нудат можности преку менторство од домашни и странски ментори да ја доразработат својата идеја и да отворат сопствен старт ап.
Од Здружението на прес конференција во Стопанската комора го најавија и натпреварот „Code app, level up“ чија цел е претпримеништво.
Стефан Митески, член на ЕЕСТЕК кој и самиот формирал компанија и учествувал на ваков настан рече дека настанот претставува можност за младите да формираат свои компании. Ги повика сите кои сакаат да ја доразвијат својата идеја пред да отворат своја компанија да се пријават на настанот оти голем број од менторите се врвни професионалци од земјава и странство.
Натпреварот „Code app, level up“ ќе биде проследен со работилници и предавања, а тимот на ментори е врвен. Најавено е учество и на странски предавачи кои всушност ќе бидат обучувачи за оние со првични бизнис-идеи. Засега се заинтересирани над десетици тимови, но само осум ќе може да се пријават.
Победниците на натпреварот ќе одат на светски натрпевари, ќе учествуваат на меѓународни регионални конференции…
Натпреварот ќе се одржи од 15 до 21 април годинава, а рокот за пријавување на учесниците е 25 март.
Повеќе информации за натпреварот може да се прочитаат на www.calu.mk.