Илјадници бунтовници од Дума евакуирани во северозападна Сирија

Десетици автобуси со сириски бунтовници, кои се предадоа и се согласија да се повлечат од градот Дума, што го контролираа неколку години, денеска пристигнаа на територии под контрола на бунтовничките сили во северозападна Сирија.

247

Десетици автобуси со сириски бунтовници, кои се предадоа и се согласија да се повлечат од градот Дума, што го контролираа неколку години, денеска пристигнаа на територии под контрола на бунтовничките сили во северозападна Сирија.

Околу 40.000 бунтовници и членови на нивните семејства се очекува да го напуштат градот Дума во реонот на Источна Гута во близина на Дамаск, откако беше ослободен од сириската армија по двомесечна офанзива, објави провладиниот весник „Ватан“.

Сирискиот центар за мониторинг на човековите права соопшти дека 67 автобуси, кои превезуваат стотици евакуирани борци на групата Армија на исламот и членови на нивните семејства, пристигнале во областите под контрола на бунтовниците недалеку од Алепо.

Според руското Министерство за одбрана, 3.600 екстремисти и членови на нивните семејства ја напуштиле Дума во последните 24 часа, како дел од договорот постигнат под покровителство на Русија. Во рамки на договорот Армија на исламот, која го контролираше градот, ослободи стотици заробеници и заложници.

Договорот стапи во сила во неделата, неколку часа откако хуманитарни организации инфромираа дека во саботата во градот бил извршен напад во кој се претпоставува дека било употребено хемиско оружје, при загинале десетици лица. Тврдењата за нападот дојдоа само еден ден откако владините сили започнаа со интензивни напади врз градот, откако бунтовниците одбија да се предадат.

Со падот на Дума, силите на лојални на сирискиот претседател Башар Асад ја повратија контролата врз Источна Гура, најсилното упориште на бунтовниците во близина на Дамаск.

Во меѓѕ време, ОН денеска изрази загриженост поради зголемниот број на лица „протерани од нивните домови“ во Источна Гута. Се проценува дека за четири недели реонот го науштиле над 133.000 лица, а хуманитарните организации на ОН се уште немаат пристап до оваа област.

Околу 45.000 бегалци се сместени во осум прифатни центри во близина на Дамаск. Приближно ист број на жени, деца и возрасни лица ги напуштиле пренатрупаните центри, откако биле проверени од владини служби.

– Знаеме дека таквите проверки се спроведуваат врз цивилите кои бегаат од Источна Гута, но ние не сме учесници во договорите за евакуација или во нивната реализација, изјави портпаролот на Вискиот комесаријат за бегалци на ОН, Андреј Махечиќ.

Западните земји тврдат дека офанзивата на владините сили во Источна Гута претставува прекршување на Резолуцијата на Советот за безбедност на ОН за целосен прекин на огнот во Сирија. Но, Дамаск и Москва сметаат дека прекинот на огнот не опфаќа и оваа енклава и нагласуваат дека офанзивата е неопходна за ставање крај на контролата на исламистичките бунтовници над регионот со големото цивилно население и за запрање на артилериските напади врз сирискиот главен град.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...