Британската премиерка Тереза Меј предупреди денеска дека ако Брегзит биде одложен долго, тогаш Велика Британија ќе треба да учествува на европските избори во мај и тоа ќе биде „брилијантен симбол на колективниот пораз на (британскиот) Парламент“.
Во авторска статија, објавена денеска во Сандеј Телеграф, Мај додава дека ако британските пратеници не го поддржат нејзиниот договор за Брегзит пред средбата на Европскиот совет в четврток, Велика Британија „нема да ја напушти ЕУ со месеци, ако и воопшто некогаш ја напушти”.
Во новата недела се очекува британската премиерка да се обиде по третпат да добие одобрение на парламентот за нејзиниот договор.
Британската влада се уште нема поддршка од доволно пратеници за „победа“ за брегзит, но „значителен број” пратеници се преиспитале и веројатно ќе го поддржат документот, рече британскиот министер за финансии, Филип Хамонд. По она што се случи во вторникот, извесен број колеги го сменија мислењето, нагласува тој.
ФОТО: EPA / ANDY RAIN