Славниот магионичар Дејвид Коперфилд бил немарен, но не е одговорен за повредата на Британецот Гевин Кокс во текот на изведување на трик, утврдил американскиот суд.
Поротата во судот во Невада заклучила дека Кокс сам се повредил во текот на прочуениот илузионистички трик, „Среќните 13“, во Лас Вегас во 2013 година. Пресудата значи дека тужителот не може да добие финансиска отштета од Коперфилд.
Гевин Кокс го тужеше Коперфилд со обвинување дека ја повредил главата на сцената додека магионичарот со него изведувал трик. Кокс тврдеше дека паднал и доживеал трајно оштетување на мозокот.
– Никогаш не ме предупредија дека би можел да се повредам во текот на изведбата. Да го знаев тоа, не би се согласил да учествувам – раскажал Британецот Гевин во врска со трикот.
Дејвид Коперфилд излезе како победник во овој спор, но сепак, тој мораше да ги открие тајните на својот познат трик на суд.