Израел: Според делумно преброени гласови Сино бело има еден пратеник повеќе од Ликуд

287

Сојузот на партии од центарот Сино бело на поранешниот командант на израелската армија Бени Генц денеска изби на прво место со 32 пратенички мандати од вкупно 120 во Кнесетот, по преброените 91 отсто од гласовите.

Партијата на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху, Ликуд е на второ место со 31 пратеник, четворица помалку отколку што освои на парламентарните избори што се одржаа во април годинава.

Сојузот на партии на израелските Арапи Заедничка листа освои 13 пратеници со што ќе биде трета партија по големина во Парламентот.

Националистичката партија на поранешниот министер за одбрана Авигдор Либерман Израел наш дом ќе има клучна улога за формирањето на влада, бидејќи за сега има девет пратеници.

Ултраортодоксната партија Обединет јудеизам на Тората има девет места, додека партијата на сефардските верници Шас освои два мандата.

Според нецелосните резултати од предвремените парламентарни избори, десничарскиот сојуз Јамина освои осум пратеници, но веднаш по гласањето објави дека ќе се подели на две партии Еврејски дом и Нова десница.

Левичарскиот сојуз Лабуристи – Гешер ќе има пет пратеници, додека Демократска унија ќе има шест места во Кнесетот.

Конечните резултати ќе бидат објавени утре.

За сега блокот предводен од Ганц, составен од центристички и левичарски партии и сојузот на арапски партии имаат мала предност над десничарско верскиот блок на Нетанјаху, со 56 наспроти 55 пратеници.

Лидерот на Израел наш дом, Либерман претходно најави дека ќе се залага за влада на национално единство во кое покрај Ликуд и Сино бело би била неговата партија Израел наш дом.

Ниту една коалиција нема мнозинство од 61 пратеник, поради што влада на национално единство најверојатно е излез од ќор сокакот.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...