Израелските пратеници формираа одбор за имунитетот на Нетанјаху

88
EPA/JIM LO SCALZO

Израелските пратеници одбрија формирање парламентарен одбор што ќе го разгледа барањето на премиерот Бенјамин Нетанјаху за имунитет од судско гонење.

Против Нетанјаху во ноември беше поднесено обвинение за измама и злоупотреба на довербата во три случаи, вклучувајќи и поткуп во еден од нив.

Нетанјаху е обвинет дека примил скапи подароци од богати приврзаници и дека правел политички отстапки во замена за позитивно известување на медиумите.

Во сегашниот, преоден парламент, противниците на Нетанјаху имаат мнозинство. Тој се обиде да го одложи гласањето за имунитет за периодот по изборите закажани за 2 март, надевајќи се дека на нив мнозинството ќе бидат оние што се на неговата страна.

Нетанјаху, кој на власт се наоѓа вкупно над 13 години, повеќе од било кој негов претходник, негира дека сторил нешто лошо и обвинувањата ги оцени како „обид за државен удар“. Барањето за имунитет тој официјално му го предаде на Кнесетот на почетокот на овој месец.

Неговата конзервативна партија Ликуд се обиде да го одложи разгледувањето на барањето, но вчера правниот советник на парламентот кажа дека нема основ за спречување на формирањето одбор што ќе се занимава со ова прашање.

Судскиот процес во корупциските случаи против Нетанјаху не може да почне се додека израелскиот Парламент- Кнесет не донесе одлука за барањето на премиерот за имунитет.  Доколку барањето на Нетанјаху биде одбиено, како што се очекува, него на изборите ќе го следи сенката на судскиот процес.

Според израелскиот закон,  министрите мораат да поднесат оставка доколку се обвинети, но од премиерот тоа не се бара директно.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...