После Крафтверк и Лорд оф д денс, во рамки на јубилејното 20.издание на ТАКСИРАТ во мај не очекуваат уште два големи концерти. На 6.мај во МКЦ, за прв пат кај нас, македонската публика ќе има прилика да ја чуе во живо една од водечките женски хип-хоп вокали американската пејачка со светско реноме, феноменалната Акуа Нару. На 29. мај пак, повторно во Младинскиот Културен Центар во Скопје, во рамки на Seekers And Finders турнејата за истоимениот, нов албум гостува Гогол Бордело, славниот џипси-панк бенд и еден од најимпресивните лајф бендови на денешницата.
„Гогол бордело“ е американски колектив кој го популаризираше жанрот џипси панк, комбинирајќи ги панк рокот и ромската музика. Предводена од Украинецот Јуџин Хуц, групата беше формирана во Њујорк во 1999 година и досега има издадено седум студиски албуми. Тие важат за голема концертна атракција и зад себе имаат настапи на некои од најголемите фестивали на светот, како „Роскилде“, „Гластонбури“, „Коачела“ и „Лолапалуза“.