Меѓународната изложба „Сè што ни е заедничко“ ќе биде отворена во среда, 18 април, во 20 часот во Музејот на современата уметност во Скопје.
Куратори на изложбата се Мира Гаќина и Јованка Попова.
Изложбата ја адресира несигурноста во контекст на различни социјални, политички и културни амбиенти, поврзани со ранливоста и егзинстенцијалната непредвидливост. Во состојби на нестабилност, одредени популации и групи, страдаат или се обесправени во нивните општествени констелации и стануваат изложени на симболични и материјални насилства што резултираат со конфликти, транзиции, ограничувања и злоупотреби на трудот, миграции и егзодуси, родови нееднаквости и неправди.
Изборот на осумнаесет уметници нè запознава со дела што даваат увид во ситуации на различни несигурни и расцепкани историски контексти, посочувајќи на можноста да се инволвираат во сегашноста, барајќи од нас ангажирано да ги преиспитаме сопствените знаења, искуства и ставови. Проблемите на кои тие се осврнуваат се трагични, тие се состојби на политичка изманипулираност, на социјална потиштеност и исклученост, на културна потчинетост и зависност од низа одлучувачки фактори што сведочат за секојдневното неспокојство.
Изложбата ја поттикнува свеста за општата несигурност, но и мотивирана акција. Изборот на делата нѐ позиционира по прашањата како ги разбираме актуелните состојби и ни дозволува да размислуваме како личната визија, одговорност и заложба може да е споделена општествено.
Учесници на изложбата се: Ана Адамовиќ (Србија), Маја Бајевиќ (Босна и Херцеговина), Жанета Вангели (Македонија), Велимир Жерновски (Македонија), Христина Иваноска (Македонија), Славица Јанешлиева (Македонија), Ѓорѓе Јовановиќ (Македонија), Шејла Камериќ (Босна и Херцеговинa), Албан Муја (Косово), Ахмет Огут (Турција), Мариа Пападимитриу (Грција), Рената Пољак (Хрватска), Анри Сала (Албанија/Франција), Флака Халити (Косово), Ибро Хасановиќ (Босна и Херцеговина), Иштван Ист Хузјан(Словенија), Јане Чаловски (Македонија), Билјана Ѓурѓевиќ (Србија).