Во ликовната галерија ЦК „Марко Цепенков“ утревечет во 20 часот ќе биде отворена изложба на дела „Мал формат“. На изложбата ќе бидат претставени 45 дела – слики и скулптури, од исто толку уметници – членови на ДЛУМ.
– Малиот формат како творечки предизвик претставува честа дневна практика на сликарите и скулпторите во ситната пластика. Магијата на „малиот квадрат“ во површина 25х25, сеуште претставува искушение и за најголемите мајстори на четката и бојата.
Гледајќи низ историјата, Пикасо, Дали, Матис, Лотрек, Ван Гог, Гоген, сликари од сите школи и правци го чувствувале внатрешниот порив да го совладаат малиот квадрат, и на концизен, лапидарен, понекогаш метафоричен и езоповски начин да го транспонираат собитието и мотивот од големото платно во помалата мерка.
Кај нас, малиот формат или поточно „Македонско ликовно творештво во мал формат“ се ползува веќе од децениски опит, етаблиран во скелетот на културните и особено ликовните случувања на градот, во неговата годишна културна периодика и претставува светол момент во колективната меморија на скопската и македонската публика – велат од ДЛУМ.