Изложба на Роберт Јанкулоски со фотографии на скопски графити

214

Изложба „Ѕидови за вас прекрасни луѓе“ со фотографии на Роберт Јанкулоски ќе биде отворена на 11 септември во 20 часот, во Мобилната/Монтажна Галерија во Паркот на Франкофонија.

– Насловот на проектот „Ѕидови за вас прекрасни луѓе“ претставува цитат „позајмен“ од еден графит што беше напишан на фасадата на Архитектонскиот факултет во Скопје кон крајот на деведесеттите години на минатиот век. Тој период беше актуелна „ѕидната/уличната“ комуникација, особено кај младите коишто на тој начин ги коментираа актуелните настани. Во мојата архива се наоѓаат повеќе од 1.100 негативи коишто досега не се изложени. Графитите активно ги снимав во период од пет години (1995-2000) на црно бел филм со панорамски фотоапарат. Фотографиите се снимени во документарен стил и во манир на т.н. „улична фотографија“. Самите текстови се само дел од фотографијата иако на некои од нив доминира текстот кој е искористен како дел од фотографската композиција. Градот Скопје го користам како инспирација или како подлога во повеќе мои проекти како што се „Си ју Си ми, 1998-2001“ и последниот мој проект „Инстант семејства – мултипликација на љубовта, 2017“ – вели авторот Јанкулоски.

Црно-белите фотографии од деведесеттите години се отпечатени на метални плочи, а неколку фотографии снимени минатата година се отпечатени во боја на хартија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...