„Ве очекуваме на 15. декември во галерија „Колектив“ да ја видите првата самостојна изложба на Јана Русевска и останете заедно да го прославиме нејзиниот 21. роденден“, пишува во најавата за изложбата на младата Јана Русевска, студент на ФЛУ – Скопје, на отсек графика.
Иако подготвувањето на прва самостојна изложба е најтешко, бидејќи подоцна, за секоја следна може да се комбинира и нешто од претходната, младата уметница Јана Русевска храбро зачекори на јавната сцена и ја најави својата прва изложба на графики со која ќе го одбележи и својот 21.роденден.
Самата работа на графичарите е многу тешка, графичкиот печат бара многу време и познавање на технологијата, па треба многу време да се посвети на изработка на самиот мотив на цртеж, па следува пренесување на цртежот на графичка плоча, а потоа и печатење на хартија, што бара многу време за една изложба на графики да го здогледа светлото на денот.
Затоа и нејзината идеја да ги изложи делата изработени во рамки на активностите на факултетот е всушност одлична идеја.
Впрочем, овие графики се и приказна за нејзиниот развој и уметничката надградба.
А на прашањето кој или што е нејзин двигател за создавањето на графиките, Јана вели: „Ништо посебно, мој двигател секогаш била љубовта кон уметноста и таа е и причината поради која се запишав на ФЛУ иако цело време некако дискретно бев подготвувана за нешто сосема друго, и од себеси и од моите родители. Но љубовта кон уметноста ја победи мојата љубов кон математиката и сега задачи решавам само кога одмарам“, се смее Јана.
Изложбата „1/2“ на младата уметница Јана Русевска ќе биде отворена на 15.декември во 20 часот, во галеријата „Колектив“ лоцирана на скопскиот плоштад.