Завршната изложба и јавен настан по повод доделувањето на наградата „Денес“ за млад(а) визуелен(а) уметник(чка) до 35 години во Македонија ќе се одржат на 25 април со почеток од 19 часот во галеријата на Младинскиот културен центар од Скопје.
Со програмата е предвидено ви 19 часот да има разговор со членовите на жирито Лора Рајковиќ, писателка и уметничка работничка, до неодамна директорка на Квинс Музејот во Њујорк и една од најзначајните политички уметнички работници во светот. Валентина Коча, основачка и директорка на ЗЕТА Галеријата за современа визуелна уметност во Тирана, Маја Чанкуловска – Михајловска, критичарка, истражувачка и кураторка во Националната галерија на Македонија, Зорица Зафировска, визуелна уметничка и добитничка на награда „Денес“ и Славица Јанешлиева, професорка на Факултетот за ликовни уметности, Скопје и финалистките Анастасија Пандиловска и Верица Ковачевска, како дел од дискурзивно – едукативната програма „Совршениот уметник“, курирана од Ивана Васева, во рамки на наградата „Денес“
Во галеријата на МКЦ во 21часот ќе има изложба и прогласување на победничка.
Отворање на изложбата на четрите финалистки за наградата „Денес“,
Верица Ковачевска, Наташа Неделкова, Анастасија Пандиловска, Ивана Сиџимовска – и прогласување на добитничката на наградата која подразбира двомесечен престој во Њујорк во Residency Unlimited.
Наградата „ Денес“ за млад визуелен уметник до 35 години, почнува да се доделува во Македонија во 2002/2003 година и е дел од мрежата на Young Visual Artists Award.
Таа во земјава е основана од Центарот за Современи уметности – Скопје, во соработка со Фондацијата за отворено општество во Њујорк, а од 2015 година, организацијата ФРУ – Факултет за работи што не се учат се вклучи како партнер – организатор на наградата.
Идејата на проектот е базирана на недостатокот на можности за уметниците во Македонија, и непостоењето на вакви награди, заедно со потребата да се изложи современата уметност во Македонија на пошироката публика во Македонија и во странство.