Изложба во Атина за обновата на Скопје по земјотресот

817
EPA/GEORGI LICOVSKI

Куратори од Македонија и Грција, 55 години по скопскиот земјотрес, на изложбата „Иднината како проект/ Доксијадис во Скопје“, која утревечер ќе биде свечено отворена во музејот „Бенаки“ во Атина, првпат ќе го презентираат придонесот на грчкиот архитект Константинос Доксијадис во изградбата на Скопје по земјотресот- јави дописничката на МИА од Атина.

Паралелно, на грчката јавност ќе ѝ биде претставена и работата на Кензо Танге, а ќе бидат презентирани низа згради на значајни југословенски архитекти кои сѐ уште постојат во центарот на Скопје.

Куратори на изложбата се Калиопи Амигдалу, Ана Ивановска- Дескова, Јован Ивановски, Владимир Десков, Костас Циамбаос, а помошник куратор е Христос Критикос.

Калиопи Амигдалу која е дел од кураторскиот тим и архитектонски историчар и стипендист на програмата „Марија Склодовска Кири“ во грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП,  во разговор со дописничката на МИА од Атина, говори за тоа како се родила идејата за изложбата и македонско – грчкиот проект за пост-земјотресно Скопје.

– Уште во 2016 ги запознав кураторите на изложбата од Скопје (Ана Ивановска, Јован Ивановски и Владимир Десков) кои веќе многу години работат на проучување на модерното наследство на Скопје. Во 2017 година, во рамки на една соработка со новинарот Тасос Телоглу во емисијата „Историес“ на телевизијата „Скај“, во која беше прикажан градот и проектот „Скопје 2014“, увидов дека Константинос Доксијадис  одигра активна улога во обновата на Скопје по земјотресот во 1963. Така дојде идејата, 55 години подоцна, да ја презентираме соработката меѓу научниците од нашите земја, но и да jа оживееме, здружувајќи ги нашите сили и нашето знаење преку заедничкиот проект- изложба. Во кураторскиот тим се вклучи и Костас Циамбаос, архитектонски историчар кој го проучуваше Доксијадис, објаснува Амигдалу.

Пред свеченото отворање на изложбата, ќе се одржи и меѓународна конференција. На првата сесија на тема„Обновата на Скопје“ ќе говорат Инес Толиќ од Универзитетот во Болоња, Костас Циамбаос од Државниот технички универзитет во Атина и Влатко П. Коробар од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.

На втората сесија на тема „Во потрага по нова архитектонска иднина“ за архитектурата на пост-земјотресната обнова на Скопје ќе говорат Ана Ивановска- Дескова и Јован Ивановски од Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ и Владимир Десков од „Американскиот колеџ во Скопје“, а Зоран Петровски ќе говори за основањето на Музејот на современата уметност. Освен нив, свое излагање ќе има и Мароје Мрдуљаш од Универзитетот во Загреб.

Конференцијата ќе ја отвори претседателот на Грчкиот институт за архитектура, Илиас Константинопулос, а воведно обраќање ќе има и Калиопи Амигдалу.

-На конференцијата поканивме говорници, кои ќе зборуваат за импресивен спектар на теми. Историјата на реконструкцијата на Скопје, придонесот на Доксијадис, модерните објекти од 60-тите и 70-тите години, кои беа изградени во градот, Музејот на современа уметност во Скопје, во кој има дела и од грчки уметници и општата архитектонска историја на Југославија по Втората светска војна се некои од темите кои ќе бидат презентирани, вели Амигдалу за МИА.

Изложбата и придружните настани се во ко-организација на Грчкиот институт за архитектура, Музејот на град Скопје и Музејот „Бенаки“ од Атина, а во соработка и со поддршка од „Атина 2018 – Светска метропола на книгата“ на општина Атина, а финансиски поддржана од Министерството за култура и спорт на Грција.

Изложбата во атинскиот музеј ќе биде отворена од 20 декември 2018 до 17 февруари 2019.

„Скопје 2014“ брутално повреди еден многу интересен град

Архитектонскиот историчар и стипендист на програмата „Марија Склодовска Кири“ во грчката фондација за надворешна политика ЕЛИАМЕП,  Калиопи Амигдалу, првпат го посетила Скопје во рамки на нејзиното постдокторско истражување за проектот „Скопје 2014“ и увидела дека градот има многу богато архитектонско наследство и била импресионирана од модерната архитектура.

– Како историчар на архитектурата ме интересира вкрстувањето на архитектурата со политиката и национализмот во нашиот регион и имам направено слични студии за Грција и Турција. Нашиот регион има многу богата историја, но и големи тензии, а националните држави кои ја сочинуваат даваат голема тежина на нивната историја и нивниот идентитет, нешто што се рефлектира во нивната архитектура. За мене, архитектонските конфликти на нашите земји се исто толку интересни како и примерите од запад и повеќе ме трогнуваат, вели Амигдалу во разговор со дописничката на МИА од Атина, во однос на тоа зошто го избрала токму Скопје, а не некој друг европски град.

Во однос на „Скопје 2014“, архитектката смета дека проектот „брутално повреди еден многу интересен град и остави рани што не можат лесно да се излечат“ и сега треба да започне нов проект „пост-Скопје 2014“.

-Јавниот простор, архитектонското наследство и идентитетот на градот се големи губитници во овој случај. Големиот предизвик е што ќе се случи сега и треба да им се даде простор на архитектите да  ја дизајнираат ерата „пост-Скопје 2014“, коментира Калиопи Амигдалу во разговор за МИА. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...