Во Музејот на современа уметност – Скопје утре во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Бау1хаус“ на берлинскиот фотограф Жан Молитор. Изложбата се реализира во соработка со Амбасадата на Германија и Архитектонскиот факултет во Скопје и по повод стогодишнината на познатата и исклучително влијателна архитектонска школа Баухаус.
Постановката свечено ќе ја отвори Амбасадорот на Германија, Томас Герберих, а кратки обраќања за значењето на Баухаус и за изложбата ќе имаат и авторот Жан Молитор и д-р. Ана Ивановска Дескова, од Архитектонскиот факултет Скопје.
Авторот на изложбата, Жан Молитор ќе биде присутен во деновите и по отворањето, кога ќе одржи и работилница со група македонски фотографи, чија специјалност е фотографијата на архитектурата.
На 6 ноември, во кино-салата на МСУ со почеток во 19 часот ќе биде прикажан долгометражниот документарен филм „Духот на Баухаус“ на Нилс Болбрикер и Томас Тилш.
Ќе бидат изложени 50 фотографии што ја прикажуваат архитектурата на Модерната од сите нејзини најразлични аспекти.
Жан Молитор патува низ светот веќе десет години, поттикнат од визијата да создаде меѓународна фотоархива на градбите на Модерната, која од 2016 година научно е поддржана од историчарката по архитектура, д-р Каија Фос. Во проектот „бау1хаус“, Молитор има за цел да го документира меѓународното влијание на Баухаус врз развојот на модерната архитектура. Притоа, тој сака да ги прикаже глобалните врски и космополитската размена на модерното градење.
Изложбата ќе трае до 21 ноември.