Издадени налози за апсење на над 200 офицери на турската Армија

94

Турското Јавно обвинителство издаде налози за апсење на 219 активни воени лица, осомничени, дека се поврзани со движењето на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого Анкара го обвинува дека го организирал обидот за пуч во Турција во 2016 година.

Полицијата спроведува операција за апсење на осомничените. Сите осомничени се офицери од активниот состав на армијата, меѓу кои и четворица полковници.

Акцијата за приведување на осомничените започнала во 1 часот по локално време (полноќ по средноевропско време), по наредба на Обвинителството во Истанбул.

Освен операцијата во Истанбул, Обвинителството на Анкара издаде налози за приведување на 48 вработени во компанија од секторот на одбранбената индустрија.

Тие, исто така, се сомничат за врски со движењето на Ѓулен. Според информации на турски медиуми, осомничените се вработени во водечката турска компанија во одбранбената индустрија „Аселсан“.

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган неодамна најави дека Турција ќе преземе нови иницијативи во странство за спречување на финансирањето на поддржувачите на Ѓулен.

Повеќе од 250 луѓе загинаа, а околу 2.200 беа повредени при обидот за државен удар во Турција во јули 2016 година, за кој Анкара го обвини исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој повеќе години живее во доброволен азил во САД.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...