Во октомври годинава се издадени 308 одобренија за градење, за 11,6 отсто повеќе споредено со октомври лани, при што е предвидена изградба на 562 стана, објави Државниот завод за статистика.
Предвидената вредност на објектите изнесува 3.760.827.000 денари и е за 35,3 отсто помалку во однос октомври лани.
Скопскиот регион и натаму е со најмногу нови дозволи за градење, чиј број во октомври изнесувал 84, а најмалку одбренија, осум, се издадени во Североисточниот регион.
Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 151 се наменети за објекти од високоградба, 43 за нискоградба, а 114 за објекти за реконструкција. Инвеститори на 180 објекти или 58,4 отсто се физички лица, а деловни субјекти на 128 (41,6 отсто) објекти.
Во овој период е предвидена изградба на 562 станови, со вкупна корисна површина од 50 294 квадратни метри. Од вкупниот број предвидени станови, 357 се во Скопскиот регион, односно 190 во општина Ѓорче Петров, 145 во Бутел, 10 во Центар. Нови 84 станови ќе има во Југозападниот регион. Во Полошкот регион се планирани 67 стана, а во Североисточниот само еден и тоа во Липково.