Со претставата „Идентитети“ ќе се отвори овогодинешното издание на Танц фест утре вечер во 20 часот во МНТ.
Во претставата учествуваат извонредните танчери на Скопје танцовиот театар Адријана Данчевска, Дејан Битровски, Анастасија Данчевска, Тринга Хиса, како и Бобан Русески, Јована Зајкова, Тереза Лазарев, Сара Цветковска, Исидора Краљевска, Фросина Шуман, Борис Богдановски, Тања Крстевска, Нил Хехнер и Јасмин Систи (к.г. Швајцарија/Италија), Дамла Пинар Башар (к.г. Турција) и Инкубатор млади уметници: Викторија Коцева, Антонија Димитриевска, Ангела Михова, Јана Костоска и Јоана Благадуша.
Претставата „Идентитети“ зборува за пронаоѓање на идентитетот, за чувството на самосвесност и желбата за себедокажување. Преку тензични атмосфери на пренатрупаност, секој од танчерите се обидува да се претстави себе си, во свет во кој не се слушаме и ретко се препознаваме. Костимите за претставата се дело на истакнатиот уметник Благој Мицевски.
Младите Мартин Тренески и Дино Хриџиќ се композитори на музиката за претставата „Идентитети“, а Хриџиќ и Благојче Стојчевски во еден дел на претставата, ќе настапат во живо на сцената на МНТ.
Мартин Тренески, композитор и студент во четврта година на Факултетот за музичка уметност во Скопје, отсек-соло пеење, во класата на проф. Горан Начевски. Настапувал на повеќе еминентни натпревари и фестивали за класична музика во Македонија и добитник е на награди како: Прва награда по соло пеење на Државен натпревар за млади музичари (Скопје, 2015 година), Специјална награда по музички форми и две први награди по хармонија на Меѓународен натпревар „Михајло Николовски” (Битола, 2013, 2014 година), прв дипломант на Меѓународниот фестивал „Езерски бисери” (Струга, 2014 година). Покрај соло пеењето, се занимава и со компонирање. Автор е на триесетина композиции. Како композитор на електронска музика се јавува во трите етапи на проектот Инкубатор.
Дино Хриџиќ, композитор и вокал, студент на четврта година на ФМУ, кој има освоено повеќе значјани награди на национални натпревари. Во 2013 година освојува Прва награда по солфеж на државен натпревар, во 2015 година освојува Специјална прва награда за контрапункт и Втора награда за соло пеење на државен натпревар и во 2016 година Специјална прва награда за солфеж на државен натпревар.
Благојче Стојчевски, кларинет, дипломира во 2016 година на Факултет за музичка уметност на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип. Во моментов работи како надворешен стручен соработник во Дом на Култура „Крсте Мисирков“ – Свети Николе.
Во претставата учествуваат и таланетираните млади Инкубатор современи танчерки: Ангела Михова и Јана Костовска, од ДМБУЦ, каде што се едуцираат во класата на професорката Елена Антонова Петровиќ, како и Јоана Благадуша и Антонија Димитриовска, исто од ДМБУЦ, од класата на професорката Александра Кочовска Наковска. Тука е и Викторија Коцева, која ни доаѓа од Радовиш, студира бизнис економија, но има исклучителен талент и веќе е дел од Инкубатор програмата по втор пат.
Милена Миленкоска, визулената Инкубатор уметница, графички ги подоготви постерите за фестивалот, а фотографиите ги направи Александа Јанкоска, студентка на Архитектонскиот факултет во Скопје, која аматерски се занимава со сценска фотографија. Александра за себе вели дека: „со поглед низ црно-бела призма, ја истражувам човековата експресија преку играта на сенката и светлината“. Двете авторки се од Прилеп и за прв пат се дел од Инкубатор програмата за култура.
Во програмите на Танц фест, како дел од Скопје танцовиот театар се вклучени и студентите на УГД при Катедрата за современ танц од прва година: Исидора Краљевска, Борис Богдановски, Фросина Шуман, Тања Крстевска, кои од оваа сезона ја имаат својата пракса во продукциите на Скопје танцовиот театар, како и студентите од втора година: Сара Цветковска,Тереза Лазарев, Јована Зајкова и Бобан Русески, кои веќе активно се дел од програмата на Скопје танцовиот театар и гостувањата во земјава и надвор од неа. Јасмин Систи (Италија) и Нил Хефнер (Швајцарија) се дел од претставата, како стажанти ан Скопје танцовиот театар, а ни доаѓаат од Универзитетот за убави уметности од Цирих и Дамла Башар Пинар(Турција), стажант од Истанбул.