„Играш како што другиот ти свири“ е насловена изложбата – мултимедијален проект од циклусот „Молк“ на ликовниот уметник Исмет Рамиќевиќ, која вечер од 20 часот ќе биде отворена во Културно-информативниот центар. Се работи за скулпторски интерaктивен проект од серија различни удирачки и жичени инструменти инспирирани од историјата на балканските, европските и азиските музички култури.
– Дискретната хибридна визуализација на музички инструменти чии тела дискретно се акцентирани и завршуваат со реалистички или стилизирани куршуми измоделирани се во комбинирана техника. Во извесна смисла овој проект претставува продолжение на претходниот монументален антимилитантен проект „Молк“. Ваквата хибридизација на инструментите, како и глобалната, а особено локалната политичка состојба, спонтано го генерира насловот кој во себе содржи истовремено и констатација, но, пред сè апел – да не „играш како што другиот ти свири“. Самиот наслов непосредно реферира на влијанијата на светските центри на моќта кои се рефлектираат и реперкуираат во сите сфери на човечкиот живот, соопшти КИЦ.
Организаторот на изложбата наведува дека покрај за професионалните музичари, таа е отворена за интеракција и со публиката, така што музицирањето со различните инструменти, суптилно ќе го претставува отпорот кон севкупната современа политичка состојба.
Исмет Рамиќевиќ е професор по вајарство на Факултетот за ликовни уметности и е член на Друштвото на ликовните уметници од 1987 година.