Игор Станојоски добитник на Рациновото признание за 2018

Почесното Рациново признание на Дијана Влатковиќ и д-р Борјана Прошев-Оливер од Хрватска за Хрватско - македонски речник. Наградата „Антологија на болката“ за електронска објава ја доби Емилија Каранфиловска за „Изградив дом во твојот поглед“.

158

Со доделување на наградите синоќа во Народниот театар во Велес заврши 55. издание на поетската манифестација „Рацинови средби“.

Рациновото признание за 2018 му беше врачено на Игор Станојоски за романот „Диссомнии“ во издание на „Антолог“, а Почесното Рациново признание на Дијана Влатковиќ и д-р Борјана Прошев-Оливер од Хрватска за Хрватско – македонски речник. Наградата „Антологија на болката“ за електронска објава ја доби Емилија Каранфиловска за „Изградив дом во твојот поглед“.

Проф д-р. Христо Петрески, член на жири комисијата, појасни дека ова е најзначајното признание во Македонија што се доделува за проза.

– Тоа значи дека нема автор во Македонија којшто не го посакува. Јас заедно со професор д-р Луан Старова и професор д-р Венко Андоновски како жири комисија имавме тешка и одговорна задача да го одбереме добитникот во куп од 20 дела. Читавме романи и раскази, а конкуренцијата беше мошне сериозна – рече Петрески.

За наградениот роман, истакна дека станува збор за компактно и комплексно дело, за извонреден ракопис, книга за која верува дека ќе биде во самиот врв на македонската прозна продукција и која ќе си го најде патот до читателите.

Петрески најави дека наскоро на „Рациновите средби“ ќе се доделува и награда за најдобра поезија, не само на поети од Балканот, туку и од целиот свет.

Добитникот на Рациновото признание, 39-годишниот Игор Станојоски во изјавата за МИА потенцира дека наградата за него има големо значење.

– Мислам дека наградите претставуваат мотивација за писателите да продолжат со творештвото, но тоа според мене има помало значење, бидејќи писателот не треба да чека награди за да има мотивација. Мислам дека наградите се мотивација за читателите кон квалитетната литература и многу е важно наградите да се доделуваат праведно за да им дадат правилен патоказ на читателите – изјави Станојоски.

Идејата за романот, како што појасни, потекнува од 2014 година и периодот на, како што вели, инкубација траел до пролетта 2017 кога се зафатил со активна работа од пет-шест месеци. – Идеите беа црпени од некои настани што се случија на преломот од 2013 и 2014 година во врска со воената револуција во Украина од што потекна првата и главна идеја за овој роман, нагласи Станојоски.

Добитниците на Почесното Рациново признание најавија и македонско-хрватски речник.

– Работата на речникот беше многу тешка и макотрпна. Пет години сами работевме. Приказната останува недовршена, затоа наскоро треба да се направи и македонско-хрватски речник. Сега логистиката треба да се осмисли и се надевам дека оваа Рациново признание ќе ни отвори некоја врата за што поскоро негово издавање – изјави Борјана Прошев –Оливер.

Рациновите средби завршија со концерт на етно групата „Љубојна“. Годинава, се одбележуваат 110 години од раѓањето и 75 години од смртта на Коста Солев Рацин.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...