Анита Ангеловска – Бежоска, актуелен вицегувернер во НБРМ е новиот предлог на претседателот Ѓорге Иванов за гувернерка на Народнат банка, соопштија од кабинетот на Иванов.
„Претседателот Иванов смета дека д-р Анита Ангеловска-Бежоска, која доаѓа од редот на професионалците и раководните структури на Народната банка на Република Македонија е решение за гувернерската позиција, со кое би се продолжил континуитетот на позитивното работење и успешното водење на монетарната политика на Република Македонија“, стои во образложението од Кабинетот на претседателот.
Новиот предлог на Иванов следи откако денеска добил писмено известување од Димитар Богов дека се повлекува од кандидатурата за гувернер на НБРМ.
Претседателот новиот предлог го доставил денеска до Собранието.
Ангеловска-Бежоска,според биографијата објавена на сајтот на Народната банка, има деветнаесет години работно искуство, главно во областа на монетарната политика, макроекономската политика воопшто, фискалната политика и управувањето со јавните финансии. Во моментов, таа е вицегувернерка на Народната банка на Република Македонија (НБРМ) и е одговорна за областите монетарна политика, истражување и статистика. Таа е исто така член на Советот на НБРМ и заменик гувернер на РМ во Бордот на Меѓународниот монетарен фонд.
Пред да биде назначена за вицегувернер, таа работела на позицијата главен економист на НБРМ и била вклучена во дизајнирањето и спроведувањето на монетарната политика, макроекономските проекции, анализи и економски истражувања.
Две години работела за Меѓународниот монетарен фонд во Вашингтон како економист во Дирекцијата за Европа и Дирекцијата за фискални работи, при што е член на повеќе преговарачки мисии за програми помеѓу фондот и земјите-членки, а беше ангажирана и како и експерт во мисиите со кои фондот обезбедува техничка помош на земјите-членки.
Како лидер на работната единица за воспоставување на трезорскиот систем во Македонија, а подоцна и како директор на секторот Трезор при Министерството за финансии, таа учествувала во процесот на реформирање на системот на управување со јавните финансии во Република Македонија, вклучувајќи воспоставување единствена трезорска сметка, систем за контрола на обврските, управување со буџетската ликвидност и развој на пазарот на државни хартии од вредност.
За придонесот во развојот на системот на јавни финансии во РМ таа има добиено награда од страна на Американската амбасада во РМ. Исто така, има работено на позицијата државен секретар во Министерството за финансии, на која била одговорна за координирање на процесот на макроекономското планирање, планирање и извршување на Буџетот на РМ и за односите со меѓународните финансиски институции, а била и член на Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување и на Фондот за осигурување на депозити на Република Македонија.
Таа била предавач на ЦЕФ (Center of Excellence in Finance) во Љубљана и на Универзитетот „Американ колеџ“ – Факултет за бизнис-економија и менаџмент во Скопје. Дипломирала во 1994 година, а магистрирала во 1997 година на Економскиот факултет во Скопје. Во 2015 докторирала на Економскиот факултет во Љубљана, Словенија.