Интересно е како народ кој има најсилен наратив на Балканот за неправдите на соседите, држава која последна се формирала, народ толку опседнат со идентитет и национализми, митови и синдром на жртва, не пронаоѓа и не покажува никаква солидарност кон Курдите.
Курдите се последните на Земјата без сронета солза од човештвото и без камери и новинари да го документираат нивниот крај.
Како еден од најбројните народи и етникуми без сопствена држава, негирано им е правото да бидат дел од човечката заедница. Нивниот идентитет е уништен низ модерните форми на геноцид: во крв да се задуши секое право на некое малцинство, или тоа да се негира, но да им се негира и земјата на која се родени, нивниот дом, нивниот јазик, културата, религијата, секој нивни исклесан или неисклесан камен, до уништување на нивната севкупна меморија.
Секоја наша мака како народ и нација, не вредат пет пари, кога не покажуваме грижа и интерес за народите со слична судбина. Затоа и не знаеме да се заштитиме и зачуваме, да се менуваме низ некоја целовитост, зошто мислиме дека сė е реалполитика, и дека културната или духовната важност се безвредни, дека сė може да се замени со некаков си политички инженеринг.
Големата лекција на историјата е дека цивилизациите продолжуваат, техничкиот напредок се усовршува, но културите се тие кои пропаѓаат.
Сево ова доста кажува какви скапаници сме и празни плачковци.
(ФБ статус на авторот)