„Златната камера 300“ за американскиот кинематограф Ед Лакман

104

Синоќа во Битола на свечен начин беше отворено 40. јубилејно издание на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“.

Во преполната сала, во присуство на многубројни гости од светот на кинематографијата, се обрати и министерот за култура Хусни Исмаили, кој зборуваше за важноста на традицијата што ја негува овој фестивал во изминативе години и за значењето што успеа да го обезбеди во светски рамки.

– Низ годините, преку „Браќа Манаки“, ние сме домаќини на голем број филмски легенди, директори на фотографија, на многумина актери и уметници од другите сектори на филмот, кои од овде заминуваат со импресии од топлото македонско гостопримство, но и со нови креативни предизвици, нови провокативни прашања кои се отвораат за реализација на нови филмски приказни. Убеден сум, а тоа се потврдува и низ историјата на Фестивалот, дека професионалните средби што се случуваат овде раѓаат нова соработка за меѓународни филмски пријателства кои го носат белегот на современиот филм – рече министерот Исмаили.

Фестивалот за отворен го прогласи покровителот на манифестацијата, претседателот на државата Стево Пендаровски. Беше врачена и „Златната камера 300“ за животно дело на американскиот кинематографер Ед Лакман, кој со децении е на врвот на листата на успешните американски и светски камермани и зад себе има две номинации за Оскар за филмовите „Далеку од небесата“ и „Керол“, во режија на Тод Хејнис, со кого Лакман има најплодна и најефектна соработка, сочинувајќи го со него светски познатиот тандем: кинематографер-режисер. Во меѓувреме е снимен и третиот филм токму со Хејнис, „Јас не сум таму“. Лакман соработувал и со режисери како: Лери Кларк, Роберт Алтман, Пол Шредер, Вернер Херцог и други.

– Наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, што ја доделува Друштвото на филмските работници на Македонија, годинава ја доби композиторот Љупчо Константинов за неговото повеќедецениско искуство, за неговата целосна, дури фанатична посветеност во создавање музика за многубројни театарски претстави и филмови во земјава и надвор од неа, за неговата успешна соработка со врвни уметници (актери, режисери, композитори, сценаристи…) – велат од ДФРМ.

Филм за отворањето на годинешниот „Браќа Манаки“ беше новиот филм на култниот шпански режисер Педро Алмодовар, „Болка и слава“, а во Битола пристигна и кинематограферот на филмот, Хозе Луис Алкаине, кој е лауреат на „Златна камера 300“ на 34. издание на Фестивалот во 2013 година.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...