„Зери“: Тачи се повлекува, со Вучиќ в петок нема да разговара за корекција на границата

Извори од кабинетот на Тачи за весникот изјавија дека на задутрешната средба во Брисел ќе се расправа за „модалитетите за постигнување конечен договор со Србија“.

128

Наспроти досегашните најави, „корекцијата на границите“ и Заедницата на општините со мнозинско српско население (ЗСО) нема да се најдат на дневен ред на состанокот в петок, на 7. септември, меѓу претседателите на Косово и Србија, Хашим Тачи и Александар Вучиќ, пишува во денешното издание весникот „Зери“.

Како што јави дописникот на МИА од Приштина, извори од кабинетот на Тачи за весникот изјавија дека на задутрешната средба во Брисел ќе се расправа за „модалитетите за постигнување конечен договор со Србија“.

Косовскиот претседател неколку недели наназад упорно најавува, и покрај противењето на сите релевантни политички фактори во земјата (освен на неговата Демократска партија на Косово – ПДК) и на главните меѓународни фактори, дека на состанокот на 7. септември во Брисел ќе ја претстави идејата за „корекција на границата“ со Србија, која подразбира припојување на Прешевската Долина кон Косово.

Идејата за размена на територии меѓу Косово и Србија е поддржана и од официјален Белград, кој смета дека за постигнување конечно решение за споровите меѓу двете земји потребно е, како што тоа го нарекува Вучиќ, „разграничување со Косово“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...