Македонското земјоделство мора да креира сопствен бренд, да нуди постојан, стандардизиран квалитет и да биде крајно сериозно кога е во прашање пласманот ако сака да биде конкурентно на европскиот пазар. При евентуален влез во ЕУ, доматите, пиперот, краставицата и компирот се производите со кои уште веднаш би можеле да се пробиеме. Потенцијални сектори се и лозарството и овоштарството. Предиспозиции, велат производителите, има многу, но треба да се почитуваат принципите и, пред се, барањата на потрошувачите.
Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци вели дека квалитетот на производите мора да е постојан за да се стекне доверба кај европските купувачи.
– Само со квалитет и зголемена продуктивност може да бидеме конкурентни. Не смееме да се занесуваме дека Европа ќе купува фалш роба, таа ќе помогне финансиски, но наше е парите да ги искористиме наменски. Тоа што само 10 отсто успеавме да повлечеме од ИПАРД 1 е лошо искуство што мора да се надмине. Џабе ќе ни дават пари, ако не знаеме да ги искористиме- вели Шаклев.
Според претседателот на Сојузот на синдикатот на земјоделците во струмичкиот регион Ристо Велков, Македонија може да понуди здраво и квалитетно производство, но за тоа е неопходен правилен пристап.
– Нашиот земјоделец е неедуциран, а новата технологија бара нов начин на производство. Затоа ќе биде полесно ако се вклучат младите. За да бидеме, пак, успешни на европскиот пазар, мора да се придржуваме на правилата на игра, да следиме што се бара и тоа да произведуваме – вели Велков.
Претседателот на Сојузот на земјоделците Вељо Тантаров е скептичен околу конкурентноста на македонското земјоделство, најмногу поради малите, расцепкани површини.
– Што ќе направите со 1,5 хектар расположлива површина по домаќинство?- вели Тантаров.