Земјоделците во Франција со памучни гаќи ќе ја мерат плодноста на земјиштето

581

За да ги охрабри своите членови да ја измерат плодноста на нивните почви, секцијата на најголемиот француски земјоделски синдикат ФНСЕА од Марна, во партнерство со Комората за земјоделство на Франција, ги повика земјоделците од регионот да закопаат памучни гаќи меѓу нивните култури, јави дописникот на МИА.

Како што наведува Франс 3, иако изгледа изненадувачки, за да се реализира последниот експеримент на ФНСЕА и Земјоделската комора на Maрна, потребни се памучни гаќи, лопата и колче. Со операцијата, насловена „Закопај ги твоите гаќи“, ги повикува земјоделците да ја закопаат својата памучни долна облека во нивите во периодот од 27 мај до 2 јуни и да ги ископаат помеѓу 19 и 25 август, за да се измери состојбата на нивното распаѓање.

– Тоа е многу едноставен начин да се види каква е состојбата на почвата, дали таа живее или не – вели авторката на овој проект Леа Томас.

Всушност, во текот за неколкуте недели за време на кои органските памучни гаќи ќе бидат закопани под земја, организмите и почвените микроорганизми ќе ја нападнат долната облека. Колку повеќе црви, габи, бактерии и слични видови се присутни во почвата на полињата и во избраните лозја, толку повеќе гаќите ќе бидат во лоша состојба, односно распаднати.

Ова не е првпат да се спроведува ваков експеримент во Франција. Во 2018 година, 210 гаќи беа закопани во Вар, а пред неколку месеци на ист начин експериментираа и земјоделците во Об.

Идејата, иако помалку луда, доаѓа од Канада, каде во 2017 година е лансирана од страна на канадскиот Совет за заштита на почвата. Кампањата „Закопајте ја вашата долна облека“ имаше за цел да ја подигне свеста на канадските професионални и аматерски градинар за состојбата на нивната земја.

Пестицидите, орањето и култивирањето на земјата, што на краток рок можат да ги подобрат приносите на парцелите, на крајот може да ја оштетат биолошката разновидност на почвата. Овој биодиверзитет е синоним за плодноста.

За разлика од практиките што можат да го убијат животот во овие почви, конзерваторското земјоделство се обидува да ја заживее земјата. Фредерик Красе, кој во Норме во реонот на Mарна на своите полиња има засадено компири и цвекло, објаснува дека имал проблеми со структурите на земјата.

– Морав да трошам се повеќе и повеќе гориво за да ја подготвам мојата земја, вели тој.

Со закопувањето на гаќите тој се надева дека ќе ја процени состојбата на деградација на неговата почва.

– За две или три години, повторно ќе закопам гаќи. Тоа ќе послужи како мое мерило да знам до каде сум и да проценам дали техниките што ќе ги користам во текот на следните години ќе помогнат за подобрување на плодноста на мојата почвата – вели тој.

Красе смета дека неговите гаќи нема да бидат меѓу најраспаднатите. Тој не се надева дека годинава ќе ги освои златните гаќи.

Имено, за да се охрабрат земјоделците да се вклучат во експериментот, партнерите на оваа операција се служат со хумор. Откопаните гаќи во август ќе ги проценуваат експерти. Тие ќе бидат оценувани според тежината, мирисот и бојата, а ќе бидат повикани и корисниците на социјалните мрежи да гласаат. Тројцата првопласирани земјоделци ќе добијат гаќи на кои ќе биде извезено нивното име.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...