Комората на трговци на зелените пазари од почетокот на следната недела ќе почне да ги издава лиценците на пазарџиите. Нивната цена веќе е утврдена на 60 евра годишно за една тезга и дополнителни 40 евра за секоја наредна тезга. Во периодот во кој ќе се издаваат лиценците пазарџиите ќе продаваат по старо, а пазарните инспектори нема да казнуваат, туку само ќе ги советуваат. Групацијата на зелените пазари во Стопанската комора, пак, бара одлагање на примената на законот бидејќи тој во себе содржи низа нелогичности кои ќе го намалат бројот на пазарџии и нивниот промет.
Претседателот на Комората, Екрем Долек вели дека доколку нема непредвидени проблеми, тие за околу два месеца ќе ја завршат постапката на издавање лиценци.
– Од понеделник ќе почнеме да ги издаваме лиценците. Кај нас веќе има заинтересирани пазарџии, но за да оди постапката побрзо фирмите кои управуваат со зелените пазари треба да ни достават списоци на старите корисници на тезгите. Така нема да се случува да издаваме лиценца на човек кон нема тезга. Во земјава има околу 70 зелени пазари и ако тие што побрзо ни ги достават листите ние за два месеца ќе ја завршиме постапката- вели Долек.
Тој тврди дека нема договорен рок за завршување на постапката.
– Треба да се почне, а потоа побрзо ќе се движат работите. Се надевам дека конечно ќе го регулираме статусот на пазарџиите и нема да имаме проблеми во иднина – вели Долек.
Во текот на јануари се очекува пазарните инсепктори да ги посетат зелените пазари и да ги потсетат пазарџиите дека треба да поседуваат лиценци за да продаваат на зелените пазари.
– Инспекторите нема да казнуваат. Само ќе ги советуваат пазарџиите и ќе ги потсетуваат дека треба да земат лиценци – додава тој.
Долек појаснува дека нема забрана за продажба на текстил, обувки и други производи на зелените пазари.
– Такво нешто нема, ниту во законот ниту пак се разговарало за време на неговото донесување за такво нешто. За период од 14 години колку што течат нашите преговори за регулирање и на оваа област ниту еднаш не станало збор за намалување на обемот на производи кои се продаваат на зелените пазари. И да имало такво нешто ние тоа не би го дозволиле.Ова што се објавува деновиве е целосна дезинформација – појаснува тој.
И додека Комората на трговци на зелените пазари се обидува да го имплементира законот од Групацијата на пазари при Стопанската комора се обидуваат да ја одложат неговата примената бидеќжи, кско што велат, тој е недоречен и не се исполнети предусловите за негова примена.О Групацијата зметаат дека делот во кој се забранува на зелените пазари да продаваат пензионери и хонорарци ќе продонесе за намалување на бројот на пазарџии а со тоа и прометот. Нивна проценка е дека прометот ќе се намалил за 30 отсто.
Министерството за економија најави ќе ги разгледаат нивнит барања, но примената на законот не се одлага.
На зелените пазари моментално работат од 20.000 до 25.000 пазарџии, а надвор од пазарите во некои од градовите во земјава продаваат дополнителни 50 отсто диви пазарџии.