Албанската мафија е многу активна и нејзината активност се протега низ цела Европа, се наведува во репортажа емитувана на германската телевизија ЗДФ.
Телевизискиот канал тврди дека борбата против трговијата со дрога во Албанија е со ниска ефикасност и покрај помошта на италијанските власти, а причина е „високото ниво на корупција во полицијата и поврзаноста на политика со мафијата“.
– Полицијата тврди дека ситуацијата е под контрола, но бројките упатуваат на спротивното, бидејќи Европол во 2017 година ја посочи Албанија како најзначаен производител на канабис во Европа – констатира ЗДФ.
Германските новинари биле изненадени од бројот на луксузни автомобили во Тирана, во услови кога „Албанија е една од најсиромашните земји во Европа и каде просечната плата е околу 330 евра“.
Во репортажата, ЗДФ посебен простор отстапува на обвиненијата против поранешниот министер за внатрешни работи Саимир Тахири за поврзаност со меѓународна трговија со дрога.
Телевизијата го наведува и случајот со поранешниот офицер од секторот за борба против наркотици Дритан Загани, кој сега живее во азил во Швајцарија, откако обвини за поврзаност на државата со недозволената трговија со дрога.
– Албанија се бори против одгледувањето на дрога, но се додека политиката и мафијата се тесно поврзани, оваа битка изгледа безначајна и тешко дека ќе биде успешна – констатира германската телевизија.