Преку измени и дополнувања на Законот за минерални суровни Министерството за економија ќе се обиде да најде долгорочно решение за проблемите со безбедноста и здравјето што ги имаат жителите во населените места во чија близина се издадени концесии за експлоатација на минерални суровини.
Како што информира ресорниот министер Крешник Бектеши на денешната прес-конференција, со измените и дополнувањата на Законот, кои од денеска влегуваат во собраниска процедура, се додаваат нови основи за едностран раскин на концесијата од државата со кои ќе можат да се решат проблемите на локалното население, но без да не се направи штета на Буџетот на државата доколку некој концесионер се жали на суд.
– Со измените и дополнувањата се предвидува концесијата за експлоатација да може да се раскине заради битна повреда на одредбите од договорот или на законите и прописите што се применуваат во договорот и во случај кога вршењето на експлоатацијата го нарушува јавниот интерес, безбедноста и здравјето на населението. Кога договорот се раскинува заради нарушување на јавниот интерес, безбедноста и здравјето на населението концесонерот може да поднесе барање за добивање нова концесија за експлоатација на истата минерална суровина на друг локалитет и тоа директно и без спроведување на јавен повик – рече Бектеши.
Тој појасни дека во сите договори за концесија децидно е наведено што треба да исполни концесионерот и кои се неговите обврските, а во следните договори по измените на Законот, додаде, како услов за еднострано раскинување ќе се стават и безбедноста и здравјето на локалното население. Со тоа, како што кажа, очекува да бидат надминати проблемите што ги има локалното население во Лабуништа, Коњаре и Чегране со концесиите во близина на населените места за што во Министерството се пристигнати повеќе претставки од граѓани и општини.
– Целта ни е да има конечно решение со кое нема да има проблем со концесионерот, а ќе се реши барањето на населението. Првично ќе доставиме барање до концесионерот ако е заинтересиран да го промени на локалитетот, а доколку не е ќе постапиме по новиот закон. Решението нема да може да биде субјективно, бидејќи во земјава и досега постојат институции кои се надлежни за концесиите, но сега им се дава дополнителна можност да ги решат проблемите кога има претставки од граѓаните во кои се потпишани речиси половина од жителите од населените места. Согласно претставките, доставуваме барање до Техничкиот инспекторат, Инспекторатот за животна среднина, Инспекторатот за земјоделство,…, кои излегуваат на терен, но и на концесионерот му се дава можност во случај да има направено инвестиција да достави барање до Министерството да се откаже од локалитетот и да побара друг локалитет за експлоатација на истата минерална суровина во кој нема да има проблем со населено место без спроведување на јавен повик – рече Бектеши.
Тој посочи дека со измените основ за едностран раскин на договорот за концесија ќе биде и доколку концесионерот не го известил Министерството за економија како надлежен орган, дека има промени во уделите или акциите кои поединечно или во збир би довеле до проемена на управувачкиот пакет во друштвото кое е мнозински сопственик кај концесионерот.
– Основ за раскин на договорот се дава и доколку концесионерот експлоатира помалку од 30 проценти од предвидената количина на минерална суровина, согласно главниот рударски проект, во текот на една година, освен доколку концесионерот достави образложение за причината за намалената експлоатација по што може да достави предлог за продолжување на намалената експлоатација за уште една година – појасни Бектеши.
Со измените, додаде, се овозможува општините да можат да поднесат барање за добивање на концесија за експлоатација за потребите за изградба на општински пат по утврдената постапка за изградба на државни патишта.
– Со моменталното законско решение Јавното прептијатие за државни патишта (ЈПДП) бара концесија од страна на Владата за побрзо да се завршат постапките за изградба на патишта по скратена постапка. Се оди директно на експлоатација, но сепак треба да има елаборат. Моментално тоа важи за изградба на автопатишта и регионални патишта за кои е надлежно ЈПДП, а со новото законско решение ќе важи и за градење на локални патишта – рече Бектеши.
Во одговор на прашање посочи дека последниве месеци нема средба со претставниците на „Еуромакс ресорсис“ и додаде дека очекува и Управниот суд да го потврди решението на Второстепената комисија за раскинување на концесијата за рудникот Казандол.
– Ако тие се заинтересирани да одиме на Арбитража подготвени сме да ги браниме нашите аргументи за раскинување на концесијата и повеќе сум од убеден дека ќе излеземе како победници во постапката – потенцира Бектеши.
Во земјава има над 400 издадени концесии за експлоатација на минерални суровини.