Владата на денешната седница усвои повеќе одлуки и препораки за да се обезбеди поголема ефикасност од доделувањето дозволи за експлоатација на водите, како и за обезбедување соодветни услови за вршење мониторинг на квантитетот и квалитетот на водите и испуштањето на отпадните води. Одлуките и препораките се однесуваат и се во насока на ефикасна наплата на надоместот за водно право и за целосно и постојано користење на средствата исплатени од надоместот за нивна експлоатација за севкупно подобрување како дејност од јавен интерес.
Како што соопштуваат од владината прес-служба одлуките и препораките се донесени по разгледаниот извештај „Ефективност на политиките, мерките и активностите при доделувањето на водното право“, кој Владата на РСМ го нарача од Државниот завод за ревизија со цел да се даде оценка за ефективноста на политиките, мерките и активностите од експлоатацијата на водите и водните сливови, како и соодветни препораки за подобрување на состојбите со управување со водите и доделувањето на водното право, односно на дозволи за експлоатација на водите.
На седницата Владата го разгледа и извештајот за извршената ревизија на успешност – „Ефективност на политиките, мерките и активностите при експлоатација на чакал и песок од вардарскиот речен слив“, со цел да се стекне оценка за успешноста на мерките и активностите преземени од надлежните институции за експлоатацијата на песок и чакал од вардарскиот речен слив, а кои треба да резултираат со заштита и подобрување на режимот на реките и заштитата на животната средина.
– Од сознанијата на извештајот што за потребите на Владата на РСМ го подготви Државниот завод за ревизија, се донесени повеќе заклучоци, препораки и задолженија за надлежните институции од кои треба да се очекуваат поголема контрола на експлоатацијата на песокот и чакалот кои во најголема мерка треба да се користат за регулација на реките во случаи на поплави и ерозија, потоа воспоставување регулиран пазар за продажба на овој речен материјал, како и мерки за подигнување на јавната свест за штетните последици од несовесната експлоатација на коритата и бреговите на речните водотеци, појаснуваат во соопштението