Над 32 илјади вработени во образованието и науката од 1 јануари ќе добијат повисоки плати за 10 отсто. Спогодбите беа потпишани денеска во Владата меѓу Самостојниот синдикат на образование наука и култура (СОНК) и Министерството за образование и наука .
Повисоки плати ќе добијат околу 20.000 вработени во основното образование, 8.000 во средното, 4.500 во високото образование и 220 вработени во научните институции.
Честитајќи го потпишувањето на спогодбите, премиерот Зоран Заев истакна дека покачувањето на платите во образованието и науката е резултат на определбата на Владата да биде Буџетот за 2020 година посветен на инвестициите во човечкиот капитал.
– Тоа е инвестиција за нашата иднина, за нашиот економски раст. Тоа е инвестиција и еден од начините за решавање на еден од нашите најголеми предизвици како да ги задржиме нашите граѓани во земјата, како да им понудиме подобри услови и да ги направиме посреќни и помотивирани на нивните работни места. Оваа Влада одлучи да ја запре стагнацијата во вложувањето во луѓето во овие сектори. Ние го поттикнуваме инвестирањето во човечкиот капитал, и во оваа насока, во Буџетот за 2020, во функциите здравство, образование и социјална заштита инвестираме вкупно 154 милијарди денари. Тоа е зголемување од повеќе од 10 милијарди денари во споредба со ребалансот од 2019 година, односно последниот Буџет – нагласи Заев.
Тој додаде дека целта е да се создаде образовен систем кој ќе биде генератор на општествениот и економскиот развој на државата.
Според министерот за образование и наука Арбер Адеми, со покачувањето на платите се подобрува материјалниот статус на вработените во образованието. Тој најави дека и во следниот период ќе се работи на враќање на дигнитетот и достоинството на професијата наставник во општеството.
– За период помал од две години имаме најголемо зголемување на платите во еден мандат на една Влада. Со овие политики и зголемување на платите даваме сериозен придонес за подобрување на материјалниот и општествениот статус на вработените во образованието – рече Адеми по потпишувањето на спогодбите.
Од СОНК се задоволни од социјалниот дијалог со ресорното Министерство и од постигнатиот договор за покачување на платите, но она што останува да се сработи во следниот период е потпишување на колективен договор за високото образование.
– Колективниот договор е во работна верзија. Работните групи треба да почнат да работат и да се утврди текстот. Сметам дека во наредниот период е од големо значење да се донесе ваков колективен договор – рече претседателот на СОНК, Јаким Неделков.
Во следниот период, според Неделков, треба да се разговара и за измените на колективните договори за основно и за средно образование, за враќањето на регресот за годишен одмор, враќањето на надоместокот за превоз за наставниците кои одат на работа во руралните средини и плаќањето на прекувремената работа.