Во последните две години албанските бели мантили масовно ја напуштаат земјата и главно заминуваат во Германија.
Друштвото на медицински сестри изнесува алармантни бројки за бројот медицински сестри кои веќе ја напуштиле земјата и оние кои чекаат да заминат.
– Само во периодот јануари-јуни годинава во Германија заминаа околу 2.500 медицински сестри. Исто така, имаме информации дека околу 2.000 други веќе аплицирале и само прашање на денот е кога ќе заминат. Повеќето од нив се професионалци со повеќегодишно искуство а не штотуку дипломирани. Најбараните профили се за медицинска грижа во семејство, геријатриските болници, педијатрија и реанимација – вели Елсон Јачај, претседател на асоцијацијата на медицински сестри.
Тој посочува дека првата причина е платата, но и условите за работа и недоволното почитување на овој кадар во здравствените установи, врз чии плеќи паѓа целата работа а се недоволно вреднувани.
Според него, месечната плата на медицинска сестра во Албанија е 40 илјади леки или 300 евра, додека на лекарите 65 до 70 илјади леки (едно евро=126 леки), а во Германија основна плата за сестрите е 1.800 евра, додека од 2.800 до 3.000 евра за лекар.
– Не знам каде ќе бидеме по неколку месеци а не за подолг период. Доколку продолжи оваа динамика сите ќе си заминат, кој ќе остане тука? Колку професионланци ќе останат и какви здравствени услуги ќе имаме во земјава – се прашаува Јачај.
И ректорот на Медицинскиот факултет во Тирана, Арбен Ѓата се согласува дека причини се платата и условите за работа, но и можностите за кариера. Тој наведува дека во просек секоја година Албанија ја напуштаат доколу 200 лекари од општа пракса, но и специјалисти.