За убиството на Кашоги, ќе се сретнат саудискиот и турскиот државен обвинител

54
ФОТО: EPA-EFE /ALI HAIDER

Главниот државен обвинител на Саудиска Арабија, Сауд ал Моџаб допатува ноќеска во Турција во рамки на истрагата за убиството на новинарот Џамал Кашоги во саудискиот Конзулат во Истанбул, јави Анадолија.

Ал Моџаб во Истанбул ќе има средба со главниот турски обвинител Ирфан Фидан и ќе го посети Конзулатот на Саудиска Арабија.

Џамал Кашоги, новинар и колумнист на „Вашингтон пост“ и соработник на весникот „Ал Ватан“, исчезна на 2 октомври, откако влезе во комплексот на Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.

Турските безбедносни извори претходно потврдија дека Кашоги не ја напуштил зградата на Конзулатот, а во истиот период во Конзулатот престојувале 15 саудиски државјани и службеници, кои со одделни летови пристигнале, а потоа ја напуштиле Турција.

Истрагата за убиството на новинарот е во тек, а главна задача на истражителите е пронаоѓање на посмртните останки на Кашоги и утврдување на одговорните за убиството.

Властите на Саудиска Арабија соопштија дека Кашоги наводно е убиен за време на расправија во Конзулатот.

ФОТО: EPA-EFE /ALI HAIDER

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...