За пожарникарите следниот час и половина пресуден за гаснење на пожарот

Ризикот е ако падне големата камбана. Ако се случи тоа, ќе се урне и кулата. Имаме луѓе надвор и внатре во катедралата - предупреди Жан -Клод Гале.

286
FOTO MIA
Стотина пожарникари во Париз сѐ уште се обидуваат да го изгаснат огнот во катедралата Нотр дам во Париз. Според нив, следниот час и половина ќе биде пресуден и ќе се знае дали ќе биде изгаснат пожарот. Од огнот веќе се урна едната кула и дел од покривот на Богородичината црква.

Главниот командир на противпожарната служба на Париз Жан -Клод Гале изјави:

– Ризикот е ако падне големата камбана. Ако се случи тоа, ќе се урне и кулата. Имаме луѓе надвор и внатре во катедралата – предупреди Жан -Клод Гале.

– Се бориме да го ограничиме ширењето на огнот. Најефектно е одвнатре. Но, сѐ уште не сме сигурно дали ќе спречиме огнот да се шири кон северната кула, додаде тој.

Според него, пожарот најверојатно почнал од покривот, а потврди дека во гаснењето се ангажирани повеќе од 400 пожарникари.

Поради катастрофалниот пожар во катедралата Нотр Дам се огласи и портпаролот на германската канцеларка Ангела Меркел.

– Болат овие страшни слики на Нотр Дам во пожар. Нотр Дам е симбол на Франција и на нашата европска култура. Нашите мисли се со француските пријатели, напиша Штефен Зајберт на Твитер.

Шефот на германската дипломатија Хајко Мас, исто така на Твитер, напиша дека пожарот во париската катедрала „ги погоди срцата на Германците“.

Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп на Твитер напиша дека е „ужасно да се гледа големиот пожар во катедралата Нотр Дам во Париз“, истакнувајќи дека „мора брзо да се реагира со летечки водени танкери“.

И генералната директорка на УНЕСКО, Одре Азуле наведе дека организацијата на Обединети нации ќе биде со Франција во процесот на обнова на катедралата, која претставува непроценливо наследство.

Претходно, со пораки со поддршки се огласија и  американскиот потпретседател Мајк Пенс, претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск, премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, градоначалниците на Мадрид, Мануел Кармен и на Лондон, Садик Кан и други.

ФОТО МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...