Податоците на Заводот за статистика на Европската Унија – Евростат, потврдуваат дека во периодот 2011/2017 година 167 илјади албански граѓани побарале азил во некоја од земјите членки на Европската унија.
Во единаесетте месеци од годинава, пак, азил побарале 16 илјади албански граѓани, со што вкупната бројка на апликации достигнала 183 илјади.
Бројка од 167 илјади е само 53 отсто од оние кои во овој период емигрирале од земјата. Според албанскиот институт за статистика земјата ја напуштиле 317 илјади лица.
Најголем број баратели на азил е регистриран во 2015 година или 68.900, по што се забележува намалување на бројот на апликации. Во 2016 година за добивање статус на азилант аплицирале 32.900, а следната, 2017 година, околу 26 илјади албански граѓани.
Гледано одделно по држави, повеќето апликации за азил во извештајниот периодот се во Германија или 90.335 барања. Покрај лицата кои аплицирале за азил, бројот на оние кои бараат работа со германски договори за вработување, исто така, се зголемил. Германија е омилена дестинација за доктори и медицински сестри.
На второ место по бројот на баратели на азил е Франција, со 40.615 апликации, а веднаш зад неа е Обединетото Кралство со 12.455, по што следуваат Шведска и Грција, 9.310 односно 9.200 апликации.
Во Италија, бројот на баратели на азил е 2.360, бидејќи поради бројната албанска заедница во Италија, полесно е да се добие дозвола за престој преку договори за вработување.
Инаку, според резултатите од последната анкета на Институтот за истражување на јавното мислење, Галуп, дури 60 отсто од албанските граѓани или 1,7 милиони би ја напуштиле земјата доколку им се пружи и најмала можност за тоа.