За „одбрана на Македонија“, и Грција со собири и „жолти елеци“

120

Грчкиот премиер Алексис Ципрас вечерва од политички настан организиран од неговата партија СИРИЗА во Солун, ќе испрати порака дека областа Македонија, односно северниот дел на Грција, поддржува солидарност и демократија, а не национализам, омраза, поделба и нетолеранција.

Говорот на Ципрас во Солун, закажан за 19.30 часот по локално време (18.30 по средноевропско време), на тема „ДА за Македонија на демократијата и солидарноста – НЕ за омразата и национализмот“, доаѓа по собирите и блокадите на средните училишта од учениците во северна Грција, кои преку слогани тврдеа дека „демократијата ја продала и предала Македонија“.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Паралелно и во исто време со обраќањето на грчкиот премиер што ќе се одржи во спортска сала во Солун, закажани се и три различни протести. Два на десничарски здруженија и организации кои се против Договорот од Преспа, а еден на анархистички здруженија и групи.

Преку социјалните мрежи, одредени групи за „одбрана на Македонија“, повикуваат на собири, а едните по пример на Французите, ги повикуваат Грците,  да им се придружат облечени во жолти елеци.

Контра-протест организираат анархистички организации и групи.

Според грчките медиуми, поради говорот на Ципрас и закажаните протести, Солун вечерва ќе биде под силни безбедносни мерки за да се избегнат какви било инциденти.

Како што објави МИА минатата седмица, настанот на грчката владејачка партија против поделбата и нетолеранцијата го најави генералниот секретар на СИРИЗА, Панос Скурлетис, на прес-конференција во Солун.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...