Подрачната единица на Министерството за земјоделство во Куманово ги потсетува земјоделските стопанства дека рокот за поднесување барања за субвенции трае до 15 мај.
Во овој период, информира денеска раководителот на Подрачната единица Насер Даути, се аплицира за директни плќања за растително производство, за поледелство и градинарски култури, лозови и овошни насади и за сточарско производство, одгелдување говеда, кози, овци, свињи, живина и заклани животни во кланица.
– Барањата се поднесуваат електронски, но ако барателите имаат потреба од помош можат да се обратат каја нас, изјави Даути.
Барањата за растителното производство се поднесуваат врз основа на доставени податоци до Единствениот регистар на земјоделски стопанства и Системот за идентификација на земјишни парцели со состојба до 15 март 2018. Барањата за мерките од сточарство се поднесуваат врз основа на евидентираните податоци за животни во Регистарот на идентификација и регистрација на домашни животни со состојба на денот на поднесување. Сточарите, појаснува Даути, ќе треба да ги проверат податоците во ветеринарните друштва со кои имаат склучено договори.
На ниво на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане во Единствениот регистар на земјоделски стопанства се евидентирани околу 7.000 земјоделци.
Во моментов тече рокот и за поднесување барања за директни плаќања за произведено и предадено овчо, козјо и кравјо млеко во период од октомври до декември 2017 година. Рокот за пријавување трае до 16 мај годинава. Висината на поддршката е четири денари за овчо и козјо млеко и 3,5 денари за литар кравјо млеко.