Во рамки на дигиталниот самит, се одржа сесија посветена надигиталните вештини со наслов: „Работејќи заедно: колаборациони координирани и целенасочени дигитални вештини и градење на капацитети“.
Шади Матар, советник на министерот за комуникации и транспорт на Босна и Херцеговина рече дека предизвик е како да се задржат ИТ професионалците во Босна и Херцеговина. За ова, тој посочи дека Владата на Босна и Херцеговина во соработка со факултетите и НГО изнаоѓа начини како да ги задржи младите ИТ кадри во земјата.
Претставничката на Стопанска комора на Македонија на панелот, и менаџерка и претприемач во информацискиот сектор Валентина Тасева, нагласи дека домашната економија има потреба од ИТ квалификувани кадри. За таа цел таа посочи дека е потребно да се работи на дигиталната писменост во целиот регион за да се продуцираат кадри и да се намали недостатокот од квалификувана работна сила.
Членот на Бордот на директорина Дојче Телеком, Шрини Гопалан рече дека дигитализацијата на Западен Балкан е неопходна и добредојдена заради економски напредок на земјите, и ги нагласи дигиталните вештини кои се најпотребни и најбарани, како што се програмирањето, и високообразованите експерти во ИТ архитектурата и мрежното инжинерство.
Александар Ридл, шеф на единицата Дигитална економија и вештини, GD CONNECT во Европската Комисија, истакна дека се на пазарот на ЕУ му се потребни поголем број луѓе во ИТ технологијата. Тој зборуваше дека и ЕУ се соочува со недостаток на квалификувана ит работна сила и дека предизвик како да се надминат овие состојби и во ЕУ и во Западен Балкан и да се стекнат потребните вештини што ги бара дигиталната трансформација. Во однос на идните трендови во тој посочи дека за 5 години целата економија ќе се квалификува како дигитална и изрази очекување Европската Унија, низ партнерства и меѓусебен дијалог, ќе ги споделува позитивните европски практики и искуства со земјите од Западен Балкан.
Поранешниот раководител на е-вештини во образованието во велика Британија Нил Маклин, рече дека решението на недостаток на ИТ квалификувана работна сила на долг рок навестува дека се неопходни промени на образовните модели за кои истакна дека треба да бидат пошироки и сеопфатни.
На првата сесија посветена на дигиталните вештини говорниците се согласија дека во развојот и унапредувањето на вештините кај младите луѓе треба да се следат потребите на компаниите.
Министерот за економски развој на Косово, Валдрин Лука истакна дека важен исчекор за регионот е одржувањето на „Дигиталниот Самит на Западен Балкан“ и ја оцен како многу важна Помошта од ЕУ во процесот на обука и тренинг на младите луѓе за да ги поседуваат потребните вештини.
Се дебатираше и на тема „Регионално и меѓународно партнерство за сигурен и безбеден сајбер простор“.
На темата партнерство во сферата сигурен и безбеден сајбер простор на која панелистите афирмираа теза дека паралелно со развојот на дигиталната трансформација на Западен Балкан, треба да се развиваат и системите за заштита и сигурност соодветно на стандардите на ЕУ.
Томас Кремер од Секторот за приватност и правна усогласеност на Дојче Телеком, истакна дека како и за развојот на дигиталните капацитети, така и во заштитата и сигурноста, е неопходно партнерство и заеднички иницијативи. Тој потенцираше дека владите треба да обезбедат транспарентност кога се работи за сајбер нападите, бидејќи на тој начин ќе се овозможи широко учество и во борбата против оваа појава.
Марија Бада, од Универзитетот Оксфорд презентираше резултати од студија кои покажуваат дека корисниците во Македонија и во земјите од регионот слепо им веруваат на интернет услугите. Бада ја истакна соработката меѓу Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и Светска банка на заеднички проект кој се однесува на националната стратегија за безбедност во сајбер просторот, како важен чекор за развивањето и градењето на капацитетите за безбедност на интернет просторот.
Министерката за јавна администрација од Црна Гора, Сузана Прибиловиќ, говореше за искуствата на нејзината земја со сајбер нападите за време на консисутирањето на новата влада, како и за тоа на кои начини Владата на Црба Гора се справува со оваа појава. И таа се согласи со ставот дека меѓународната соработка е најголем потенцијал за остварување резултати и сигурен сајбер простор во целиот регион.
Јакуб Боратински, од Одделението за безбедност на интернет и за дигитална приватност во Генералниот Директорат на ЕК, говореше за улогата на ЕУ во борбата против сајбер криминалот и злоупотребите на дигиталните и интернет комуникациите. Боратински истакна дека во директивите на ЕУ има солидни насоки за справување со сајбер криминалот, но дека секоја владата одделно треба да преземе одговорност за инвестирање во сигурноста и безбедноста кон сајбер заканите.
Во своето обраќање на панелот Радослав Ризов од Република Бугарија говореше дека земјите од регионот треба да размислуваат за можноста да се формираат национални агенции за сигурност на сајбер просторот, а Дејан Абазовиќ, државен секретар во Министерството за јавна администрација на Црна Гора рече дека е потребно и постојано апдејтирање на заштитните механизми соодветно и на развојот на сајбер просторот.