За два дена во Околијата Пешкопеја регистрирани 42 земјотреса

Сеизмолозите не ја отфрлаат опасноста од други земјотреси, бидејќи Албанија е земја со сеизмичка активност.

66

Од саботата вечерта кога беше регистриран земјотрес со интензитет од 5,1 степен според Рихтеровата скала во Околијата Пешкопеја, регистрирани се вкупно 42 земјотреса.

Сеизмологот Елгерт Ѓузи изјави дека сеизмичките потреси главно се во околината на Булќиза, каде што беше и епицентарот на саботниот земјотрес.

– Од 11 септември, кога беше главниот потрес со интензитет од 5,1 степен според Рихтер, до синоќа регистрирани се серија земјотреси,со магнитуда од 3,2 до најслабиот 1,7 степени – истакна Ѓузи.

Иако интензитетот на последователните земјотреси се намалува, сеизмолозите не ја отфрлаат опасноста од други земјотреси, бидејќи Албанија е земја со сеизмичка активност.

– Оваа активност оди кон смирување и е добар знак, но никогаш не може со сигурност да се каже дека нема да има други потреси – посочува сеизмологот.

Во случај на земјотрес,тој ги советува граѓаните дека треба да бидат внимателни, да излезат од домовите и да останат во побезбедни места.

Од земјотресите оштетени се 235 објекти, главно стари градби, а 35 семејства се под ведро небо поради големите оштетувања на нивните куќи.

Инаку, од 4 јули кога беше регистриран првиот земјотрес, во близина на Драч, со интензитет од 5,1 степен според Рихтер, во Албанија регистрирани се 977 земјотреси.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...