За да се отвори едно училиште потребна е цела влада (ФОТО)

За да се воспита едно дете потребно е цело село, вели една африканска поговорка.

2379

За да се воспита едно дете потребно е цело село, вели една африканска поговорка.

За да се отвори едно училиште потребна е цела влада, покажува праксата во Македонија.

Вчера во скопската населба Капиштец свечено беше отворено основното училиште „Киро Глигоров“, кое почна да се гради во 2016 година. Изведбата на проектот чинеше 5,5 милиони евра. Училиштето „Киро Глигоров“ е со модерен дизајн и архитектура, изведен од тимот проектанти од „Инком инженеринг“ под водство на архитектот на идејниот проект Бесиан Мехмети.

Училиштето е изградено според највисоки стандарди за објекти во кои престојуваат и се образуваат деца. Во негов состав ќе функционира и посебен Дневен центар за деца со церебрална парализа.

Училишната зграда се протега на површина од 12.100 м2 и дворна површина од 4.100 м2. Училиштето се состои од приземје, 2 ката и подземен паркинг со капацитет од 104 возила. Во дворот на училиштето се наоѓаат спортски терени за фудбал и одбојка, урбана опрема – клупи и високо-стоечки лампи за ноќно читање, 26 паркинг-места и простор за партерно и хортикултурно уредување.

Во училиштето се поставени рекуператори за прочистување на воздухот, но и за начинот на греење и осветлување, одржување на хигиената, безбедноста и достапноста до новите технологии. Училиштето е поврзано на централното градско затоплување со греење на целиот објект без радијатори, вградени се антибактериски и антиалергени подови, лед-енергетско ефикасно осветлување, посебни тоалети во секоја училница во ниските одделенија, посебни тоалетии посебен лифт за децата со церебрална парализа, противпожарен аларм во секоја просторија, мрежа за безжичен интернет од сите оператори итн.

Во состав на училиштето има 21 училница со акустика на простор, 7 специјализирани кабинети за предметна настава,спортска сала и гимнастичка сала, ботаничка градина, трпезарија со кујна, наставнички кабинет и канцеларии за персонал, како и инклузивна просторија – Дневен центар за деца со церебрална парализа.

Од оваа учебна година, во училиштето ќе има паралелки само од прво до петто одделение.

 

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...